• понеделник, 23 декември 2024

Со одржување на петтиот модул викендов заврши Школата за политики за 2023 година

Со одржување на петтиот модул викендов заврши Школата за политики за 2023 година

Скопје, 29 октомври 2023 (МИА) - Со одржувањето на петтиот модул насловен „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите“, викендот во Охрид заврши Школата за политики за 2023 година.

Како што соопштија од Претседателскиот кабинет, петтиот модул почна со предавања на Владимир Петрески од фондацијата Метаморфозис и главен и одговорен уредник на Вистиномер на темите „Современиот феномен на дезинформациите – како и зошто дезинформациите влегоа во глобалниот јавен дискурс на голема врата“ и „Пропагандата на странското малигно влијание и неговата улога во ширењето на дезинформациите“, а на отворањето воведни обраќања имаа проф. д-р Александар Љ. Спасов и Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондација Метаморфозис.

На тема „Методологија на проверката на факти - постапки и чекори на аналитичкиот процес“ говореше Елида Зулбеари од фондацијата Метаморфозис и главен и одговорен уредник на Порталб.мк, додека предавање на тема „Справување со дезинформации – креативни начини за справување со дезинформации“ одржа Владимир Петрески.

Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на  претседателот на Република Северна Македонија одржа предавање на тема „Кризен менаџмент во политичка комуникација“, додека предавање на тема „Политички говор: структура, содржина и изведба“ одржа проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања.

На темите „Најчести дезинформациски теми во македонскиот јавен дискурс“, „Геополитичка перспектива на дезинформациските текови во Западен Балкан“ и „Проверка на факти на Фејсбук – како најголемата социјална мрежа на светот се справува со дезинформациите“ говореа Деспина Ковачевска, Филип Стојановски и Владимир Петрески од фондацијата Метаморфозис.

-Петтиот модул на Школата за политики за 2023 година заврши со предавањата на тема „Говор на омраза – дефиниција и историјат; говорот на омраза во Северна Македонија, што вели законската регулатива“ на Горан Ризаов и Деспина Ковачевска, на тема „Спречување на дезинформациски напади за организации и поедници“, одржано од Владимир Петрески и „Градење општествена отпорност на штетните влијанија на дезинформациите преку развој на јавни политики; медиумска писменост – како медиумската програма на Фондацијата Метаморфозис се справува со дезинформациите“, одржано од Филип Стојановски, Горан Ризаов и Владимир Петрески од фондацијата Метаморфозис, се вели во соопштението на претседателскиот кабинет.

Школата за политики се одржа трета година по ред, во соработка со партнерските фондации и организации кои се дел од Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ). бт/аа/

Фото/  Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан