Со низа активности МАРХ го одбележува 10- годишниот јубилеј
- По повод 10-годишниот јубилеј, денеска единствениот портал за архитектира организира низа активности кои го слават минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во земјава.
Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) - По повод 10-годишниот јубилеј, денеска единствениот портал за архитектира организира низа активности кои го слават минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во земјава.
Активностите почнуваат од 18 часот со отворање на изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“ која ја обработува историската граѓа од која потоа произлегува современата македонска архитектура меѓу 1944 и 1974 година. Ќе бидат презентирани 64 нови фотографии, кои го опфаќаат периодот од последните 50 години, до денес.
Во рамки на одбележувањето ќе се одржи и базар сочинет од уникатни принтови и книги до функционални дизајнерски предмети и ќе биде промовирана книгата „Артемушкин и Скопје“, авторско дело на Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски. Публикацијата ја истражува плодната работа на архитектот Иван Артемушкин во Скопје меѓу 1920 и 1940 година и ќе може да се купи на базарот.
Вечерва со почеток од 20:15 часот ќе се одржи и панел дискусија „10 години подоцна, како понатаму?“ на која ќе се отвори прашањето за проектот Скопје 2014, променетата урбана матрица на Скопје и предизвиците што произлегуваат од тоа.
- 10 години МАРХ Македонска АРХитектура или десетлетие на порив кој не ви остава мир да ги следите од страна работите. Декада на борба за глас на македонската архитектура која некаде пред формирањето на marh.mk ги доживуваше своите најголеми порази. Се надевам дека после овие изминати години на ентузијазам, искрена љубов и добронамерност успеавме да станеме бренд и глас кој не е лесен за игнорирање, а од тука и доброчинители на македонската архитектонска сцена. МАРХ е простор каде треба да се пресретнеме, отстрамиме и бидеме искрени меѓусебно. Да упатиме пофалби, предлози, концепти, да предупредиме и особено да не се плашиме да упатиме критика, но и понатаму да бидеме достојни во дискусијата за да имаме образ да отпоздравиме со - Секому добро!, вели Филип Конески. бак/