• среда, 20 ноември 2024

Со инвестиција од 3,7 милиони евра, Царинската управа ќе работи на воспоставување на нов граничен премин Клепало

Со инвестиција од 3,7 милиони евра, Царинската управа ќе работи на воспоставување на нов граничен премин Клепало

Берово, 7 октомври 2024 (МИА) - Со инвестиција од вкупно 3,7 милиони евра, Царинската управа ќе работи на воспоставување на нов граничен премин Струмјани-Берово (Клепало). За овој проект се обезбедени 3,1 милиони евра грант од ИПА 3 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално ко-финансирање. Денеска во Берово, се одржа настан за одбележување на почетокот на проектот за воспоставување на новиот граничен премин, на којшто се обратија  директорот на Царинска управа Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и  директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, Тони Јакимовски. 

Министерот Перински вели дека програмата и покрај континуираните политички спорови меѓу Бугарија и Македонија, испраќа позитивна порака до сите засегнати дека регионалната соработка и добрососедските односи можат да придонесат за раст и просперитет на пограничниот регион со што ќе се овозможи поквалитетен живот на граѓаните, што во суштина е и целта на ИПА програмата, финансирана од Европската Унија.

-Отпочнувањето на овој долгогодишен очекуван стратешки проект е од големо значење по многу основи како за нашата земја, така и за целиот пограничен регион. Отворањето на преминот Клепало ќе има значителна корист за регионалната поврзаност, ќе ја подобри и олесни комуникацијата помеѓу двете земји и ќе овозможи директен пристап до автопатот Струма во Бугарија, кој е важен дел од трансевропската транспортна мрежа. Користењето на овој граничен пункт освен што ќе заштеди време, ќе значи и олеснување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји и ќе создаде услови за економски развој во Малешевскиот крај кој ги поседува сите потенцијали за развој на туризмот. Ова е само уште еден проект кој се финансира преку ИПА програмата, финансирана од Европската Унија, чија имплементација ќе придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка, а во интерес на граѓаните, потенцира Перински.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски истакна дека  воспоставувањето на преминот Клепало како и реконструкцијата и надградбата на граничниот премин Деве Баир испраќаат силна порака дека Македонија е силно посветена на процесот за пристапување во ЕУ, при што ќе се инвестира во подобрување на граничното управување на сите премини. 

Денешниот настан, како што вели, е јасен доказ за нашата посветеност во процесот на пристапување во ЕУ, при што воспоставувањето на преминот Струмјани - Берово е еден од стратешките проекти.

Николовски, исто така, рече дека со овој проект се очекува подобрување на регионалната поврзаност, зголемување на протокот на луѓе, унапредување на економските односи и зајакнување на трговските врски. 

- Нашата цел е побрз пристап во единствениот пазар на ЕУ. Овој проект, проектот за реконструкција на Деве Баир, проектот за видео надзор, автоматизацијата на терминалите, јасно ја покажуваат нашата посветеност во остварување на стратешките приоритети за економска трансформација, безбедност на државата и жестока борба со криминалот, вели Николовски.

Директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија Тони Јакимовски вели дека создавањето на нов Граничен премин Струмјани – Берово (Клепало) претставува важен чекор во зајакнувањето на прекуграничната соработка меѓу двете соседни земји. 

-Ваквите проекти претставуваат одраз на нашата заедничка визија за одржлив и интегриран регионален развој. Програмата Интеррег е создадена со цел да поттикнува прекугранична соработка и да ја поддржува интеграцијата на региони преку конкретни проекти кои носат долгорочни придобивки. Изградбата на новиот граничен премин Струмјани – Берово е одличен пример за оваа цел, овозможувајќи поголема мобилност на луѓето и стоки, зајакнување на економиите и подобрување на инфраструктурата од двете страни на границата, вели тој.

Вкупната инвестиција за воспоставување на граничниот премин изнесува 11,1милион евра, при што 7,7 милиони евра се грант преку ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а преостанатите средства се национално ко-финансирање од страна на Македонија и Бугарија. вс/аа/


Фото: МИА/Царинска управа

 

Остани поврзан