• среда, 25 декември 2024

Со изложба на создадените дела затворена 38 Меѓународна ликовна колонија "Св.Јоаким Осоговски"

Со изложба на создадените дела затворена 38 Меѓународна ликовна колонија

Крива Паланка, 5 јули 2024 (МИА) - Со изложбата на дела создадени во изминатата недела беше заокружено годинашното, 38 издание на Меѓународната ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски". Колонијата се одржува во манастирскиот комплекс чиешто име го носи, а изложбата се одржа на стариот манастирски конак.

На изложените дела низ призмата на имагинацијата и креацијата на авторите - учесници беше отсликана сакралноста на амбиентот што никогаш никого не остава рамнодушен, рече Јордан Михајловски, од здружението „Меѓународна ликовна колонија Св Јоаким Осоговски".

Делата создадени низ деновите на одржување на колонијата ќе останат како трајна уметничка вредност во колекцијата на богатата збирка од оваа реномирана колонија што редовно се презентира во национални и регионални рамки на изложби во музеите и центрите за култура ширум земјава во текот на целата година.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги поздрави присутните и потенцира дека колонијата е култен културен бренд на градот, а локалната самоуправа продолжува да инвестира во културата како една од областите што има најголем потенцијал за промоција на самиот град и регионот.

Оваа година нa Меѓународната ликовна колонија во Сарандопорскиот манастир учествуваа 13 уметници од девет држави: Тунис, Мароко, Шпанија, Северна Македонија, Украина, Словачка,  Србија, Бугарија и Северен Кипар.
Колонијата е поддржана од Општина Крива Паланка, МПЦ- Кумановско-Осоговсла епархија и Министерството за култура на Република Северна Македонија. Истата е дел од "Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата 2024".ид/бт/

 

 

Остани поврзан