Со закројување на виновата лоза и ,,Саем на домашно вино” одбележан празникот на лозарите во општина Илинден
- Со закројување на виновата лоза во дворот на црквата Свети Трифун во населеното место Ајватовци, Општина Илинден го одбележа празникот на лозарите. Празнувањето на православниот празник Свети Трифун почна со Божествена литургија со која чиноначалствуваше владиката Јоаким од Дељадровско-Илинденска Епархија, што се одржа пред голем број верници.

Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Со закројување на виновата лоза во дворот на црквата Свети Трифун во населеното место Ајватовци, Општина Илинден го одбележа празникот на лозарите. Празнувањето на православниот празник Свети Трифун почна со Божествена литургија со која чиноначалствуваше владиката Јоаким од Дељадровско-Илинденска Епархија, што се одржа пред голем број верници.
Во рамките на манифестација ,,Саем на домашно вино” во организација на црковниот одбор на црквата „Свети Трифун“, а под покровителство на градоначалникот Александар Георгиевски, годинава се одржа избор на најдобро произведено домашно вино во Општина Илинден.
-На винскиот фестивал кој прераснува во традиција, учествуваа десет производители на домашно вино од општина Илинден. Според одлуката на жири комисијата, која имаше навистина тешка задача при изборот, составена од членови на „Вински витези“, здружение за промоција на македонското вино и на македонската култура, градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски му додели Плакета за најдобро домашно произведено вино, на првонаградениот Николче Христовски, второто место го доби Борче Божиновски, а третото место Страшко Ангеловски, а благодарници за учество на манифестацијата ,,Саем на домашно вино” им беа доделени на сите учесници, соопшти Општина Илинден. дма/цр
Фото: