• сабота, 23 ноември 2024

Со дела насликани со вино во Кавадарци одбележан утрешниот светски ден на вранецот 

Со дела насликани со вино во Кавадарци одбележан утрешниот светски ден на вранецот 

Кавадарци, 4 октомври 2024 (МИА) - Со дела насликани со вино, дел од изложбата „Во слава на лозјето и виното“, во Музеј галерија Кавадарци, вечерва беше одбележан утрешниот Светски ден на вранецот.

Директорот на Музеј галерија Кавадарци, Јаким Зимоски, потсети дека винската сорта „вранец“ е една од најзастапените во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата. Нагласи дека самото вино е своевидна уметност, дека двете уметности одат заедно и дека секогаш ќе поддржуваат вакви и слични проекти. 

Трајче Цветков, виш кустос и историчар на уметноста, меѓу другото, подвлече дека виното, како уметност, раскажува приказна. 

- Со себе го носи духот на земјата, трудот на лозарот и заедничките моменти на радост и славење. Секој потег на четката е проткаен со нијанси на фин винтиџ, доловувајќи го богатството на нашите искуства. Додека ја истражувате оваа изложба, ве поканувам да се нурнете во овие приказни, дозволете боите и текстурите да ве пренесат до лозја облеани со сонце, интимни собири и радосни здравици кои остануваат во нашите сеќавања, истакна Цветков. 

Додаде дека овие дела ги надминуваат традиционалните техники, повикуваат да размислиме за ритуалот на конзумирање вино, вртењето на чашата, аромата на дабот и овошјето, начинот на кој доброто вино може да го подобри самиот момент. 

- Како што маестралната слика може да предизвика емоции, така може и една голтка вино. Заедно, тие потсетуваат на убавината во наједноставните животни задоволства. Нашите уметници не само што создадоа визуелно неверојатни дела, туку ги истражуваа и темите на поврзување и заедница. Чинот на споделување вино е инхерентно социјален, средство за зближување на луѓето. Додека се движите низ галеријата, размислете како секое дело резонира со приказните и врските што сте ги изградиле преку заедничка чаша вино, нагласи Цветков, подвлекувајќи дека уметноста постои во секое шише и секое платно, рече тој.

Климе Коробар, историчар на уметност и ликовен критичар, куратор на изложбата, меѓу другото, нагласи дека Кавадарци е вистинското место, срцето на Тиквешијата, за да се прослави овој ден. 

Делата сликани со вино се само дел од  изложбата. Вториот дел го сочинуваат дела сликани на оваа тема, а во третиот се трудови од австрискиот уметник 
Бернхард Холеман, посветени на виното.  

Настанот е во организација на Музеј галеријата и Асоцијација за култура „ИКОН“,  а благодарение на  соработката со „Винотек“ и „Џи-ем- ен“,  посетителите можат да дегустираат вина од сортата вранец.

Пред присутните настапија музичарите од Трио ФИШ.

Покровители на настанот се градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци. свд/ар/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан