• среда, 25 декември 2024

Со вело тура ИПА Охрид побара изградба на велосипедски патеки во охридско-струшкиот регион

Со вело тура ИПА Охрид побара изградба на велосипедски патеки во охридско-струшкиот регион
Охрид, 25 јуни 2022 (МИА) – Членови на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА)-регион Охрид и граѓани на Охрид и Струга, денеска ја реализираа велосипедската рекреативна тура Охрид-Струга-Радожда. Со денешната вело-тура, според претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски, сакаат повторно да ја реафирмираат идејата за велосипедско поврзување, пред се, на двата крајезерски града-Охрид и Струга, но и со туристичките населби, Радожда, Свети Стефан и Пештани, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека. -  Со ова вело возење, (ИПА) -регион Охрид заедно со граѓаните-вљубеници во велосипедизмот, сакаме повторно да ги поттикнеме двата крајезерски града-идеални места за велосипедизам, конечно и сериозно да пристапат кон проект за меѓусебно велосипедско поврзување со современо уредена, безбедна и функционална велосипедска патека означена со хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација рече Димоски. Упати апел до локалните самоуправи и другите релевантни институции, повеќе да се заложат, велосипедското поврзување Охрид-Струга, да стане реалност. - Охрид и Струга како туристички центри во Македонија, треба многу повеќе да направат за ширење на мрежата на велосипедски патеки што силно ќе ги подигне на балканските и светските вело туристичките мапи, ќе се збогати туристичката понуда, ќе се привлечат многу повеќе туристи што е и огромен бенефит за охриѓани, стружани, за хотелско-туристичките работници, за рент а бајк агенциите, но и туристите од Македонија и светот, додаде Димоски. Во време кога државите градат велосипедски автопати, нагласи, редно е и во охридско-струшкиот регион, да имаме безбедни вело патеки, а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите, ставајќи се во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Проектот за велоспиедско поврзување на Охрид и Струга во 2016 година беше инициран од тогашниот Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот (ОСБСП) Охрид. сс/аа/

Остани поврзан