• сабота, 23 ноември 2024

Сојузот на средношколци апелира за решавање на проблемот со недостигот на учебници

Сојузот на средношколци апелира за решавање на проблемот со недостигот на учебници
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Сојузот на средношколци преку соопштение изразува разочарување што и на почетокот на учебната 2022/23 година, средношколците се соочуваат со познатиот проблем со недостиг на учебници и бара од институциите решавање на проблемот за да имаат непречен наставен процес. Овој проблем, посочуваат, е исклучително алармантен, особено во претходните неколку години. Во овој период, Сојузот на средношколци активно ја следи ситуацијата и апелира за нејзиното решавање. Сепак, проблемот е далеку од решен и сѐ уште претставува голема пречка во ученичкото секојдневие. -Оваа година забележуваме зголемен број на проблематични случаи во многу од средните училишта ширум државата. Учениците пријавуваат дека добиваат оштетени учебници далеку од употреблива состојба, а во најлош случај, комплетен недостатокот на дел од учебниците. Сојузот утврди дека вакви ситуации се присутни во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта. Проблемот е особено изразен во стручните училишта, специфично за учебниците по стручните предмети, што создава нееднаквост меѓу учениците. Решавањето на проблемот е оставено на самите ученици, кои се принудени да се снаоѓаат со барање на елекотронски форми на учебникот, учење преку слики од врсниците, или најстрашно фотокопирање или набавување на истите на свој трошок, велат од Сојузот на средношколци. Сојузот, посочуваат, ја смета ситуацијата за апсолутно неприфатлива и строго ја осудува неодговорноста на надлежните институции во нивното справување со проблемот. -Не може незавршената дигитализација да се користи како изговор за немањето на учебници. Апелираме проблемот да биде ставен како висок приоритет и активно да се работи на негово решавање. Ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата и ќе ја информираме јавноста за оваа исклучително важна тема. Една од клучните заложби на Сојузот е обезбедување на достапно образование за сите. Ја потсетуваме јавноста на член 44 од Уставот кој гласи: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“. Учебниците се основна алатка за одржување на непречена настава, која според Уставот (треба да) е бесплатна, наведуваат од Сојузот. вг/са/ 

Остани поврзан