• сабота, 23 ноември 2024

Социјалното претприемништво е семе кое треба да расте и да се негува, порачаа учесниците на завршниот настан од проектот SEED

Социјалното претприемништво е семе кое треба да расте и да се негува, порачаа учесниците на завршниот настан од проектот SEED
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - Ученици и професори од средни училишта од Северна Македонија, Литванија и Хрватска денеска во средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ садеа еко-картички од кои никнува цвеќето пркос симболизирајќи на тој начин дека социјалното претприемништво е семе кое треба да расте и да се негува. Настанот е дел од „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво“ којшто го координира Здружението за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со училишта од трите земји и граѓанската организација „GoGreen Belgium“ од Белгија. На настанот се обратија и поддржувачите на социјалното претприемништво: Барбара Садовска-тим лидерка на ЕУ проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“, Марко Ѓоргиевски– директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која е и донатор на проектот, Драган Арсовски-директор на „Раде Јовчевски- Корчагин“ и Ирина Јаневска од организацијата координатор на проектот– АРНО. Покрај садењето на картичките, учениците организираа мини креативни работилници, а еко-настап имаше и магионичарот Кристиан Шопов. - Овој проект има многу симболично име и се спроведе во време кое сите не потсети колку е важен човекот, грижата за другиот, солидарноста помеѓу луѓето. Среќни сме што последната обука и настан не ги направивме виртуелно, дојдоа учесниците и локалните поддржувачи. Вистина е дека ова се само семиња, зародиш, но после неколку години ќе видиме што значи да се донесе нов бизнис модел до ученичките клупи. АРНО веќе неколку години соработува со партнерските училишта затоа што гледаме ученици кои посветено водат виртуелни социјални претпријатија и се жедни да прават промени во своите заедници. Што ќе посееме, тоа и ќе никне. Нека се тоа млади кои ќе водат бизниси кои се добри за природата и за човекот, изјави Ирина Јаневска од „АРНО“. За учениците од трите држави, ваквите настани се можност да се работи со врсници од други земји и одличен пример за пренесување на размислувањата за одржливост на општествата. Проектот SEED е дизајниран да им овозможи на учениците да станат идни социјални претприемачи. Главната цел е да го доближи уште поблиску претприемничкото образование до учениците преку нудење на знаења и вештини за новиот бизнис модел на социјални претпријатија како дел од училишниот предмет „Претприемништво“, кој се предава во трите партнерски училишта во Хрватска, Литванија и Северна Македонија. Проектот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата „Еразмус +“. бак/ац/

Остани поврзан