Соработката помеѓу Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Сојузот на пензионери, тема на седницата на Извршниот одбор
- Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов денеска беше гостин на седницата на Извршниот одбор на Сојузот на пензионери на Македонија, информираат од Фондот.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов денеска беше гостин на седницата на Извршниот одбор на Сојузот на пензионери на Македонија, информираат од Фондот.
Претседателката на Сојузот, Станка Трајкова рекла дека оваа средба е во насока на продолжување на соработката помеѓу Фондот и Сојузот на пензионери, којашто е воспоставена претходно, како и за запознавање на членовите на Одборот со состојбата во Фондот и мерките што ги презема новото раководство за подобрување на неговата работа. Таа додала дека во делот на Солидарниот фонд соработката е одлична и би требало да биде така и во иднина.
Директорот Мемов истакнал дека дека по доаѓањето на функцијата се преземени мерки за подобра организација на работата на филијалите за да се надмине проблемот со заостанатите предмети со што нивниот број е значително намален. Тој исто така додал дека во Фондот, се работи и на краткорочни и долгорочни предлог мерки за зголемување на приходите на Фондот и намалување на дефицитот, кои ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Мемов како приоритет ги посочил дигитализацијата на архивата и модернизирањето на информатичкиот систем на Фондот.
Во однос на пензионерските домови, за кој особено се интересирале членовите на Извршниот одбор на Сојузот, Мемов рекол дека се побарани средства за реконструкција на пензионерскиот дом „Борец“ во Битола, а се преземаат мерки во рамките на финансиските можности да се подобрат условите во сите пензионерски домови во сопственост на Фондот.
На средбата било констатирано дека со соработка, отвореност и разговор за сите проблеми ќе може да се придонесе во подобрувањето на животот на пензионерите и зголемување на нивниот стандард. сст/са/
фото Фонд за ПИОСМ