• среда, 18 декември 2024

Соработката на Министерството за локална самоуправа и Мировниот корпус на САД потврдена со потпишување на Меморандум

Соработката на Министерството за локална самоуправа и Мировниот корпус на САД потврдена со потпишување на Меморандум

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Мировниот корпус на САД  Дејвид Рисајд потпишаа Меморандум за соработка, со што беше потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји и соработката во различни области, соопшти Министерството.

Како што се наведува во соопштението во наредниот период над триесет нови волонтери на Мировниот корпус ќе престојуваат во општини во земјава и ќе бидат вклучени во локалните заедници. Волонтерите преку соработка со локалната администрација, училиштата и граѓански организации ќе имаат можност да го научат македонскиот јазик, да ја запознаат нашата култура, но и да споделат искуство и да помогнат во изучувањето на англискиот јазик.

-Заемната размена на искуства и знаење е добредојдена и за двете страни. Оваа мисија значително ќе помогне за зајакнување на капацитетите на нашите општини, невладините и младинските организации, а во голема мера ќе придонесе и за унапредување на инклузивното образование во интерес на локалното население и општеството во целост, изјавил министерот Перински, кој се заблагодарил за досегашната и идна соработка.

Мировниот корпус на САД, обучува и ангажира доброволци за давање меѓународна развојна помош и реализира Програма за развој на заедницата, која се фокусира на организациски развој и градење капацитети на единиците на локалната самоуправа, центрите за регионален развој, невладините организации и младински центри, се наведува во соопштението.

Од 10 декември 36 лица на волонтерска основа ќе работат во два сектора, унапредување на наставата и инклузивното образование во основните и средни училишта и во секторот Развој на заедниците во невладини организации и во администрацијата на општините Росоман, Пехчево и Зрновци.

Соработката со Мировниот корпус во рамките на програмата за развој на заедницата започна во 2005 година. Низ годините  во рамки на соработката, 91 волонтер работеле во 49 општини низ земјава, а само во последниве години волонтирале 25 лица, потсетува Министерството. ац/лв/

Фото: Министерство за локална самоуправа

 

Остани поврзан