• четврток, 26 декември 2024

Дискусија за правата на жените и девојчињата со попреченост

Дискусија за правата на жените и девојчињата со попреченост

Скопје, 27 јуни 2023 (МИА) - Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска денеска се обрати на втората тематската дискусија „Да ја отпакуваме Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост по однос на правата на жените и девојчињата со попреченост“. Дискусијата се одржа во Кабинетот на претседателот во организација на Канцеларијата на Програмата за развој на Обединети нации во Северна Македонија- УНДП.

Ѓоргиевска, како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, истакна дека денешната дискусија е во насока на јавна поддршка за лицата со попреченост и можност за почеток на вистински промени.

Според сопругата на претседателот, во „Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост“, која Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, како основни начела се наведени постулатите на вистинско праведно и инклузивно општество, за кое се залагаме и ние. Таа додаде дека, за жал, многу од овие начела не се сè уште постигнати, а тоа го потврдува и Анализата на состојбата со правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, направена во 2021 година од агенциите на ОН во земјава и локални експерти од областа.

- Воочлив е и нерамномерниот напредок кога станува збор за правата на жените и девојчињата со попреченост. Нивните права се составен дел од пошироката борба за родова еднаквост и социјална правда. Би сакала да се осврнам на двојната маргинализација во нивниот случај. Секако не се мали предизвиците со кои се соочуваат и дополнително се соочуваат и со предизвиците поврзани со родовата нееднаквост. Реалност која често останува под слоевите на дискриминација и недостаток на емпатија, нагласи Ѓоргиевска. Додаде дека наша обврска е да го заштитиме правото на еднаквост, да ги разобличиме предрасудите и да создадеме амбиент во кој маргинализираните и ранливите нема да бидат заборавени или игнорирани.

- Реафирмирајќи ја својата лична посветеност и поддршка за достигнување на главната цел на Конвенцијата на ОН: унапредување, заштита и обезбедување на целосното и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство, Ѓоргиевска повика заеднички да работиме за остварување на оваа цел, преку отелотворување на зборовите во безгранични можности за лицата со попреченост, стои во соопштението.

Претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации Армен Григорјан ја истакна важноста на поддршката на меѓународната заедница за обезбедување еднакви можности за сите во општеството.

- Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е основа на нашата работа при што се реафирмира заложбата дека сите лица со попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и фундаментални слободи, но во исто време и да го заштити достоинството на лицата со попреченост. УНДП реализира низа проектни активности заедно со лицата со попреченост, директно насочени кон нив, при што посебно внимание се обрнува на создавање услови и можности за нивна активација на пазарот на трудот, пристап до квалитетно образование и обука, со цел нивно целосно вклучување и независно живеење во заедницата на еднаква основа со сите, потенцираше Григорјан.

Елена Кочовска од Движењето Полио плус истакна дека секоја акција, секоја мерка и мисла на чинителите или центрите на моќ треба да е во согласност со принципите на пакетот 8+1 бидејќи тие се алатки со коишто лицата со попреченост ќе ги уживаат граѓанските и политичките права. Според неа, независното живеење зависи пред сè од прифаќањето на нивната разноличност, на нивната состојба како дел од човековата разноликост, прифаќање и промовирање на нивниот идентитет при што овие три принципи го заокружуваат пристапот за човекови права на коишто посочува Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

- Тематската дискусија беше организирана со цел да се подигне нивото на разбирање и свесност за правата на лицата со попреченост помеѓу носителите на самите права, како и информирање на јавноста по однос на состојбата и заложбите на сите чинители по однос на идентификување на предизвиците со кои се соочуваат и потребата од поддршка за јакнење на капацитетите за нивно надминување, се наведува во соопштението. 

Во дискусијата учествуваа и Инес Булиќ Koжокариу, директорка на Секретаријатот на Европската мрежа за независно живеење – ENIL и Суела Лала, член на Управниот одбор на Европската мрежа за независно живеење – ENIL.

Настанот, којшто се реализира со поддршка на сопругата на претседателот е дел од активноста во рамките на заедничкиот проект на организациите на ОН – УНДП, УНИЦЕФ и УНФПА „Од знаење и ангажман – до јакнење и учество “, министерствата за труд и социјална политика, за образование и наука и здравство и организациите кои ги застапуваат лицата со попреченост. мд/aa/

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски 

 

Остани поврзан