• вторник, 24 декември 2024

Соопштение на Транспаренси Интернешнл – Македонија за корупцијата во септември 2023

Соопштение на Транспаренси Интернешнл – Македонија за корупцијата во септември 2023

3 октомври 2023 

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

===============================================================

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2023 година

Ја гази ли профитот Хипократовата заклетва?

1. Полицијата и обвинителството влегоа на претрес во клиниката за Онкологија

„По насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, со обезбедена судска наредба, од страна на МВР преземени се дејствија во предистражна постапка за обезбедување докази кои ќе бидат предмет на анализи и вештачење со цел да се испитаат евентуални обележја на кривично дело на Клиниката за Онкологија“, известија од Обвинителството.

Тивка амнестија

2. Владата „тајно“ ги утврди, Собранието експресно, со 48 гласа „за“ ги донесе измените на Кривичниот законик

Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.

Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така - Сартр.

3. Врховен суд: Донесувањето на законски измени без транспарентен процес е спротивно на европските стандарди - Врховниот суд смета дека донесувањето на законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Пендаровски да го искористи правото на вето, побара Платформата на граѓански организации за борба против корупција – Од страна на Платформата беше побарано од Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои на 6 септември 2023 ги усвои Собранието. Ристоска: Измените на Кривичниот законик влијаат на културата на неказнивост - „Последните измени на Кривичниот законик лично ги доживувам како навреда на сите професионалци кои се вложија, пред се, во борбата против корупцијата“. Според Ристоска, овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела, а голем дел од предметите во кои се вложени многу ресурси и енергија веќе застаруваат.

Продолжиja активностите на ДКСК и овој месец

4. Антикорупционерите пресекоа: ДУИ го прекршила законот, вишокот донации примен во 2022 година, наместо веднаш, го вратила во јули 2023 година

Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии оти во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари го вратила во 2023 година наместо веднаш или во рок од 15 дена по приемот. Државната комисија потврди дека прекршок има и дека за него ќе бараат да постапи Државниот завод за ревизија како надлежно тело.

На дното на достоинството и интегритетот

5. Командири од затворот „Идризово“ подмитиле затвореник со 4.000 евра, зашто им ветил дека ќе ги премести да работат во МВР

Управата за извршување на санкции извршила вонреден наздор во казнено-поправниот дом „Идризово“, по поплаки од две осудени лица, кои се пожалиле од двајца командири дека им се заканувале, а кои командири пак, пријавиле дека му дале мито на едниот затвореник, а тој ветувањето не го реализирал.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2023 година

1. Затвор за професорите Шуклев и Ристевски, барале пари и сексуални услуги за оценки: Втора пресуда за „Еразмус“

Обвинетите професори Бобек Шуклев и Славе Ристевски од Економскиот факултет осудени со затворски казни од 4 ипол и 4 години зошто барале пари и сексуални услуги од студентки за оценки, а демонстраторот Драган Денковски осуден со условна казна од 2 години доколку во следните 5 години не го повтори делото, зошто посредувал помеѓу студентките и професорите.

2. Приведен грчки државјанин поради нудење поткуп

На 10.09.2023 во 20.10 часот на наплатна рампа Демир Капија полициски службеници од Полициска станица зa граничен надзор Михајлово при РЦ за ГР Југ го лишиле од слобода Г.К.(35) од Грција поради сторено кривично дело нудење поткуп.

3. Охриѓанец се обидел да поткупи полицајци па бил приведен

„На 10.09.2023 во 19.35 часот на магистралниот пат Кичево-Гостивар, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода А.Ј.(59) од Охрид. Тој, по сторен сообраќаен прекршок, во личните исправи што им ги дал на полициските службеници, ставил пари како поткуп, а кои веднаш му биле вратени“, информираат од МВР.

Транспаренси Интернешнл-Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Транспаренси Интернешнл-Македонија

Остани поврзан