Сообраќајот околу Мавровското езеро нормализиран, од Бунец до Леуново наизменично се пропуштаат возила
- Метежот и колоните од автомобили кои попладнево се сосзадоа по локалниот пат околу Мавровското езеро се расчистени и сообраќајот се одвива во зимски услови.
Гостивар, 5 јануари 2025 (МИА) - Метежот и колоните од автомобили кои попладнево се сосзадоа по локалниот пат околу Мавровското езеро се расчистени и сообраќајот се одвива во зимски услови.
Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи за МИА потврди дека вакви состојби се појавуваат во период кога има зголемен број на туристи.
- Вообичаено во зимскиот период сообраќајот се регулира со кружен тек околу езерото. Некои не ја испочитувале препораката и заглавиле при разминување, вели Реџепи.
Во меѓувреме, полициски службеници го регулираат сообраќајот од Бунец кон Леуново и ги пропуштаат возилата наизменично.
Попладнево на социјалните мрежи имаше реакции од возачи и туристи кои се пожалија дека стојат повеќе часови во место.
Одвивањето на сообраќајот е отежнато и заради снегот којшто го стеснува коловозот. Од СВР Тетово побарале од ЈП Македонија пат да испратат специјални возила и да го исчистат снегот. Според најавите, до 21:30 треба да се обезбеди подобар проток на возила.
згм/бак/
Фото: МИА