• четврток, 26 декември 2024

Советот на Народна банка ја усвои Програмата за работа за следната година

Советот на Народна банка ја усвои Програмата за работа за следната година

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа за 2024 година, во којашто се предвидени активности и нови проекти, заради натамошно успешно остварување на стратегиските цели.

На состанокот, како што денеска информираа од Народната банка, биле разгледани и повеќе тековни активности, вклучително и Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на интеграција во ЕУ во изминатиот едногодишен период.

- Во Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во евроинтегративните процеси се заклучува дека најновите извештаи од институциите на ЕУ во областите и поглавјата во надлежност на Банката укажуваат на тоа дека поставеноста на монетарната политика е во согласност со економското окружување. Позитивно се оценети и мерките на НБРСМ за поттикнување на штедењето во домашна валута. Во делот на монетарната политика, се оценува дека усогласувањето на правната рамка со законодавството на ЕУ, стандардите и практиките и натаму е во напредна фаза, што е највисока оцена за подготвеноста. Во однос на банкарскиот систем, се посочува дека правната и институционална рамка за обезбедување финансиска стабилност е зајакната, а позитивно се оценети и макропрудентните мерки. Се истакнува и напредокот во усогласувањето со правото на ЕУ во областа на платните услуги, како и посветеноста на Народната банка на Европскиот кодекс на статистички практики, се наведува во соопштението.

Во рамки на Програмата е предвидено зајакнување и унапредување на аналитичките способности и капацитетите за макроекономски анализи и проекции за водење на монетарната политика. Приоритет за Народната банка и натаму ќе бидат ценовната стабилност и задржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот, како и натамошната модернизација на монетарните операции и ликвидносното планирање.

Народната банка, велат оттаму, ќе продолжи со одржување и зајакнување на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, преку натамошно усогласување со европската регулатива, меѓународните стандарди и трендови во доменот на банкарската регулатива, извршувањето на макропрудентниот мандат, следењето на ризиците во банкарскиот систем и зајакнувањето на супервизијата. Во центарот на вниманието ќе биде јакнењето на капацитетите на Народната банка во однос на климатските промени, како и активностите поврзани со создавањето услови за соодветен развој и унапредување на финтек-секторот.

- Народната банка ќе продолжи со следењето на примената на новата правна рамка во платежната сфера којашто овозможува воведување нови технологии и иновации за поддршка на плаќањата на населението и корпоративниот сектор. Ќе се продолжи и со активностите за зголемување на транспарентноста и споредливоста на услугите, заради поголема конкуренција и заштита на потрошувачите, како и анализите за можностите, предностите и евентуалните ризици од издавањето дигитална валута, дигитален денар, како дигитална форма на нашата суверена валута, денарот. Особено внимание ќе им биде посветено на активностите коишто треба да овозможат приклучување на нашата земја во Единствената европска платежна област (СЕПА), што ќе овозможи побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите, велат од централната банка.

Зајакнувањето на финансиската писменост на населението, унапредувањето на степенот на финансиска инклузија и обезбедувањето соодветна заштита на потрошувачите се исто така области на коишто Народната банка ќе работи и следната година.

Во текот на 2024 година, Народната банка ќе го започне процесот за подготовка и носење на новиот Стратегиски план за периодот 2025 – 2027 година, со што ќе ги постави идните стратегиски цели, области и насоки во кои ќе делува во следниот тригодишен период. бак/

Фото: МИА

_____________

Остани поврзан