• вторник, 21 април 2026

Советот на ЕУ усвои нови правила: Затвор и високи глоби за коруптивни дејства

Советот на ЕУ усвои нови правила: Затвор и високи глоби за коруптивни дејства

Брисел, 21 април 2026 (МИА) - Советот на ЕУ денеска ја донесе последната одлука неопходна за воведување заедничко законодавство со кое се утврдуваат единствени дефиниции за корупција и соодветни казни. Законот ќе стапи во сила 20 дена по објавувањето во „Службен весник на ЕУ“ - се наведува во соопштението на Советот.

Државите членки на ЕУ ќе имаат рок од 24 месеци за да ги внесат потребните измени во своите национални закони. Новите правила имаат цел клучните корупциски престапи да се дефинираат и казнуваат на сличен начин во целата Унија.

Овие престапи вклучуваат поткуп во јавниот и приватниот сектор, присвојување, тргување со влијание, попречување на правдата, збогатување преку коруптивни дејства, прикривање и сериозни повреди при вршење јавна функција. Државите членки се обврзани да предвидат заеднички минимални казни, при што осудените лица ќе се соочуваат со затворски казни од три до пет години, во зависност од прекршокот.

Компаниите исто така ќе преземат одговорност и ќе се соочат со глоби во висина од 3 до 5 проценти од нивниот вкупен светски промет, или во износ од 24 до 40 милиони евра. Дополнително, државите ќе бидат обврзани да формираат специјализирани институции за спречување на корупцијата и за подигнување на јавната свест за оваа појава. ссм/мс/

фото: архива

Остани поврзан