• недела, 22 декември 2024

Советот на Град Скопје донесе заклучок и ја задолжи Арсовска да достави измени на одлуката за вредноста на надоместокот во линискиот превоз на патници

Советот на Град Скопје донесе заклучок и ја задолжи Арсовска да достави измени на одлуката за вредноста на надоместокот во линискиот превоз на патници

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) – Советот на Град Скопје, денеска на итна седница по два и пол часа расправа донесе заклучок со кој се задолжува градоначалникот на Град Скопје во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден до претседателот на Совет да достави измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериумот остварен километар од 24 февруари 2017 година, со тоа што износите по цена на километар да ги зголеми за 30 денари соодветно, а поврзано со цената на горивото. 

Претседателот на Советот, Трајко Славески, посочи дека одлуката ќе се применува до истекот на важноста на договорите што приватните превозници ги имаат со Град Скопје за вршење на услуги во јавниот градски превоз. 

Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева пред гласањето за овој заклучок повторно побара пауза од пет минути без да се гласа, но тоа не беше прифатено, по што претседателот на Советот, Славески паралелно додека советниците од СДСМ ја напуштаа салата продолжи и побара да се брои гласањето, по што констатираше дека „заклучокот е усвоен со мнозинството гласови од присутните, воздржани и против нема“.

- Пауза пет минути. Кворумот ќе ви го срушиме. Претседателе, ве молам пауза без да гласате. Надминете се себеси, не ВМРО-ДПМНЕ. Претседателе ве молам надминете се, изјави Јанчева, и ги повика советниците да излезат за да нема 23 внатре.

Во меѓувреме, Славески побара од службите да избројат колку гласале „за“.

- Ве молам, колку се „за“... има кворум. Броите, затоа што ќе бидете повикани на одговорност...   Дали има некој против... нема, воздржани, нема. Констатирам дека заклучокот е усвоен со мнозинство гласови од присутните. Со тоа ја заклучувам денешната седница, изјави Славески.

По расправата на која беа образложени мислењата во однос на проблематиката, претседателот на Советот, Славевски, рече дека ќе мора да донесат заклучок и  како „соломонско решение“ постојат две алтернативи. 

-  Едната е да се раководиме од предложениот заклучок на подносителот на Иницијативата. Но, со оглед на одредени дискусии, заклучоци, расположенија и т.н. нудам заклучок под број два, за што ќе треба поддршка и мислење од Сектор за сообраќај и од госпоѓата градоначалник. За да го скратиме процесот, предлагам да го овластиме и побараме од градоначалник на Град Скопје, во најкус можен рок, за неколку часа во текот на денешниот ден да изготви измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериум – остварен километар донесен на 24 февруари 2017 година. Тоа е наједоставниот начин. Со тоа, смислата на одлуката, за оние што не ја виделе и за јавноста, е две страници табела, многу колони, каде што надоместокот е врзан со висината на цената на горивото. Значи, да се корегираат износите овдека, имаше предлог секој износ соодветен за одредена цена на горивото да се зголеми за 30 денари. Ова е единственото што со мојата памет можам да го предложам како алтернативен заклучок, а со кој што, ако има согласност, би се вратиле на седницата по одредена пауза и би донеле одлука, појасни Славески.   

Во однос на оваа предлог-одлука, градоначалничката на Град Скопје,  Данела Арсовска, посочи дека е невозможно за толку кратко време да се направи пресметка во секторите. Таа посочи дека нема да понесе одговорност за одлука, како што рече, за која што смета дека е потребна многу подетална анализа за која што е потребно многу повеќе време.

- Она што го предлагате е малку паушално и никој тука во секторите и овие луѓе, кои што ја работат експертизата нема да се нафати паушално, во рамки на 30-тина минути, да нуди решенија за кои што утре ќе треба да носи одговорност. Доколку вие сметате дека математичкото пресметано решение по формулите го имате и таа е цената зад која стоите, дајте го предлогот на Советот и гласајте го сите тука. Ако не, направете Комисија, јас ќе ја прифатам, ќе номинираме лица од секторите да учествуваат, од ЈСП, од приватните превозници, има формули врз основ на кои се дошло на таа одлука. Значи, не можете паушално, ќе зголемиме толку, да некому наметнете тука за 30 минути да прави одлука. Имавме три месеци, втора е оваа иницијатива. Луѓето доаѓаа на состаноци, разговараа, нудеа решенија, требаше да се дискутира, не се дискутираше и сега во 30 минути сакате да извршите притисок врз службите да сите неопходни постапки ги завршат за да се понуди решение, изјави Арсовска.

Мартин Стојановски, советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, по седницата рече дека е добро што се донел заклучок со кој се задолжува градоначалникот во најкус можен рок да достави измени и дополнување за одлуката. 

- Ние, како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и советничка група, сме тука за да бидеме во интерес на граѓаните и да ги решаваме проблемите на граѓаните. Денеска се случи еден таков театар од останатите советнички групи, видовме дека советниците кои се дел заедно со градоначалничката Арсовска беа многу деструктивни, агитираа на тоа да не се донесе никаков заклучок. Колегите од СДСМ, исто така беа против, сакаа предвреме да ја напуштат седницата и ги повикуваа останатите советнички групи да ја напуштат седницата и тоа значи дека не се за решение граѓаните повторно да имаат приватен превоз. За колегите советници од Левица, немам што да коментирам, уште на самиот почеток ја напуштија седницата и ја покажаа онаа деструктивност што ја има во нивната советничка група, дека се против граѓаните, изјави Стојановски. 

Прашан дали заклучокот е валиден, Стојановски рече дека тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје, посочувајќи дека ова е брзо решение до, како што рече, месец мај.

- Јас седам напред во вториот ред и не можев да ги бројам гласовите од позади, тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје... Ќе видиме како ќе постапи градоначалничката, ќе чекаме одговор, а со тоа ќе се изјаснат и приватните превозници кој бил нивниот став. Ние нашето, како советничка група го направивме во интерес на граѓаните, изјави Стојановски. 

Гордан Шутаров, советник во Град Скопје од СДСМ, по седницата рече дека иницијативата поднесена од нив со заклучок да се започне транспарентна постапка била одбиена од мнозинството во Советот на Град Скопје и излегло со свој предлог цената да се зголеми за 30 денари.

- Кажавме дека не може тоа да се направи, од аспект на тоа дека се поминати законските рокови од 15 ноември, каде што може да се достави ребаланс на Буџетот на Град Скопје и на сите единици на локалната самоуправа и затоа ќе бидеме во неможност, доколку го изгласаме заклучокот, така, како што е дефиниран од претседателот на Советот, истиот да биде апликативен, односно да добие реализација од страна на службите, односно ЈСП, изјави Шутаров.

Прашан дали заклучокот е валиден, Шутаров, рече дека за работа на Советот на Град Скопје потребни се 23 советници присутни во салата.

- Во моментот на изгласување на одлуката, по некои пресметки беа присутни 19 советници, рече Шутаров. 

Денешната итна седница на Советот на Град Скопје беше свикана откако вчера јавниот градски превоз повторно се најде во фокусот на јавноста поради најавата на приватните превозници дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците.

Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на редовната седницата на Советот на Град Скопје. 

По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески, за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници. По средбата на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.  

Директорот на ЈСП Драги Кушовски, претходно, во изјава за медиумите рече дека ЈСП неколку дена е со блокирана сметка по основ на долг до добавувач за нафата и дека се работи на деблокада. аа/вг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан