• сабота, 23 ноември 2024

Советот на амбасадори повикува на продлабочена и проширена дебата во македонската јавност за француско-германскиот експертски извештај

Советот на амбасадори повикува на продлабочена и проширена дебата во македонската јавност за француско-германскиот експертски извештај

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Здружението за надворешна и меѓународна политика Совет на Амбасадори го поздравува објавениот Извештај за реформи на ЕУ, изработен од француско - германска група на експерти, претставен од Ана Лирман, германска државна министерка за Европа на и Лоренс Бон, државен секретар за европски прашања на Франција, водачи на групата составена од дванаесет експерти, наречена, „Групата на дванаесетмината“, формирана во јануари 2023 се наведува во соопштението на Советот на амбасадори.

Извештајот, како што се наведува во соопштението, препорачува паралелно одвивање на ЕУ внатрешни реформи, законодавство и проширување, со симболичен наслов, „Едрење на високи бранови - реформи и проширување на ЕУ во 21-ви век“, а суштината се сведува на тоа дека „ЕУ проширувањето и ЕУ реформите можат да одат „рака под рака“. 

-Советот на Амбасадорите посебно ја поддржува изнесената заложба во Извештајот, 2030 година да се определи како јасна и цврста временска координата за следно проширување на Европската Унија, како и препораката дадена до следната Европска Комисија, таа да се посвети на целта „2030“ и навреме да ја усогласи постапката за пристап кон проширувањето. Воедно, сметаме дека овие оптимистички препораки од групата на експерти и постојаните декларации од високи и највисоки претставници на Европската Унија и на нејзините земји – членки да се преточат во одлука на највисоките тела на ЕУ, со јасни обврски за земјите – кандидати, но и за самата ЕУ. Советот на амбасадори особено ги цени препораките, единствено самиот прием да биде врзан со едногласност на сите земји – членки, а во текот на процесот на проширување да се одлучува со „квалификувано мнозинство“, и ЕУ да преферира проширување „втемелено на заслуги“, концепт, кој што дури шестпати се наведува во самиот Извештај, се вели во соопштението.

Имајќи ја предвид нашата стратегиска и консензуална определба за полноправно членство во Европската Унија и заокружување на процесот на македонската европска интеграција, Советот на амбасадори, како што наведува, се залага за отворена, продлабочена и проширена дебата во македонската јавност по сите изложени точки од Извештајот на француско – германската работна Група на експерти за реформа на ЕУ.

-Советот на амбасадори будно ги следи сите дебати во рамките на Европската Унија за преосмислување на процесот на европска интеграција и повикува на отворена дискусија за македонскиот позиција во овој процес, со сѐ сите придобивки, можностите и предизвиците што го следат, се вели во соопштението. ац/

Остани поврзан