• вторник, 24 декември 2024

Советот за човекови права на ОН расправаше за палењето на Куранот во Шведска

Советот за човекови права на ОН расправаше за палењето на Куранот во Шведска

Женева, 11 јули 2023 (МИА) -  Советот за човекови права на ОН денеска одржа итна дебата во Женева за неодамнешните инциденти со палење на Куранот.

Отворајќи ја дебатата, шефот на највисокото тело за човекови права на ОН, Волкер Турк, нагласи дека инцидентите имале за цел да предизвикаат гнев и да го поделат општеството.

Турк смета дека без разлика на законот или личните убедувања, „луѓето мора да се однесуваат со почит кон другите“.

-Запаливите акции против муслиманите - исламофобијата, антисемитизмот и говорот и дејствијата насочени против христијаните или малцинските групи, како што се Бахаите или Јазидите, се одраз на целосно непочитување. Тоа е навредливо, неодговорно и погрешно, рече Турк.

Против говорот на омраза, додаде тој, „треба да се бориме со дијалог, едукација, подигање на свеста и меѓурелигиска интеракција“.

Куранот беше запален пред главната џамија во Стокхолм на 28 јуни, чин што предизвика силен дипломатски одговор од муслиманскиот свет.

Пакистан и други земји повикаа на дискусија поради алармантните изливи на верска омраза во јавноста и постојаното палење на светата книга Куран во некои европски и други земји.

Пакистан и другите членки на Организацијата на исламската конференција (ИОК) се надеваат дека денеска или во текот на оваа недела ќе се гласа за резолуција за ова прашање во ОН.

Салван Момика (37), кој пред неколку години побегна од Ирак во Шведска, го згазна Куранот во Стокхолм и запали неколку страници.

Шведската влада го осуди, но исто така посочи дека во Шведска „правото на собирање, изразување и протести е заштитено со устав“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан