Советот за македонски јазик ги прибира забелешките од дебатата за Предлог-законот, вели Костадиновска-Стојчевска
- Советот за македонски јазик работи на имплементирање на забелешките кои произлегоа на дебатата за новиот Предлог-закон за употребата на македонскиот јазик, по што повторно ќе биде вратен во Министерството заради административна проверка, а потоа во владина и собраниска процедура, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во однос на Предлог-законот за култура, таа посочи дека тој е сè уште во работна фаза.
Скопје, 10 февруари 2023 (МИА) - Советот за македонски јазик работи на имплементирање на забелешките кои произлегоа на дебатата за новиот Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик, по што повторно ќе биде вратен во Министерството заради административна проверка, а потоа во владина и собраниска процедура, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во однос на Предлог-законот за култура, таа посочи дека тој е сè уште во работна фаза.
- Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, по јавната дебата, е во фаза каде што Советот за македонски јазик ги прибира забелешките кои произлегоа од таа дебата, и се надевам дека работат на имплементирање, односно на прифаќање или неприфаќање на тие забелешки. Откако ова ќе заврши, очекуваме Законот за употребата на македонскиот јазик повторно да биде вратен во Министерството за култура за административна проверка и да ја започнеме процедурата, прво да влезе во владина, а потоа во собраниска процедура, рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Во однос на новиот Закон за култура, кој долго време се најавува, министерката рече дека тој е уште во работна фаза, односно работната група за овој закон работи на забелешките доставени од синдикатите.
Костадиновска-Стојчевска посочи оти се надева дека работната група и синдикатите набрзо ќе дојдат до заедничко решение за законот понатаму да може да влезе во владина процедура. бт/аа/