• понеделник, 23 декември 2024

Советник на Санду: Огромно руско мешање во молдавските избори

Советник на Санду: Огромно руско мешање во молдавските избори

Кишињев, 3 ноември 2024 (МИА) - Советник на молдавската претседателка Маја Санду објави на социјалната мрежа „Икс“ дека е забележано „огромно“ руско мешање во денешниот втор круг од претседателските избори.

„Гледаме огромно руско мешање во нашиот изборен процес додека Молдавците денеска гласаат во вториот круг од претседателските избори – обид со висок потенцијал за изобличување на резултатите“, напиша советникот за национална безбедност Станислав Секриеру.

Проевропската Санду, која го забрза напорот на Молдавија да излезе од руската сфера и да се приклучи на ЕУ, денеска се соочува на гласачкото ливче со поранешниот главен обвинител, поддржан од проруската Партија на социјалистите, Александар Стојаногло.

Првиот круг на изборите се одржа пред две недели, паралелно со референдум на кој молдавските граѓани со мала разлика ја поддржаа уставната измена за евроинтеграцијата да биде внесена во основниот закон.

Според молдавската полиција, прорускиот бизнисмен Илан Шор организирал голема шема за купување гласови во првиот круг. Полицијата соопшти дека презела мерки за да спречи повторување на оваа практика.

Москва ги негира сите обвинувања за мешање, а Шор, кој живее во Русија, негира дека направил неправилности. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан