Собраниска делегација во посета на словенечкиот Државен збор
- Собраниска делегација во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер, од 26 до денеска била во работна посета на Државниот збор на Република Словенија.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Собраниска делегација во организација на Фондацијата за демократија на Вестминстер, од 26 до денеска била во работна посета на Државниот збор на Република Словенија.
Посетата, како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, била фокусирана на работата на Клубот на млади пратеници од Словенечкиот парламент, соработката на Клубот со комисии кои покриваат младински прашања и политики, како и поддршката што Клубот ја добива од Парламентот.
Собраниската делегација била предводена од пратеничката Драгана Бојковска, координаторка на Клубот за младински прашања и политики, а составена од пратениците: Моника Зајкова, Калтрина Беќири и Сергеј Попов од Клубот за младински прашања и политики, Илире Даути и Ангелинка Петкова од Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Иванка Василевска од Комисијата за образование, наука и спорт и двајца собраниски службеници.
Делегацијата остварила средба со претседателот и членовите на Комисијата за образование, наука и млади, со претседавачот и членовите на Клубот на млади пратеници, како и со генералната секретарка на Словенечкото собрание.
- Средбата со Комисијата за образование, наука и млади беше фокусирана на работата во областа на младинските прашања и политики, при што од страна на словенечките пратеници беа посочени законските прописи кои ги засегнуваат младите од претшколска возраст сѐ до високо образование и образование на возрасни, како и низа мерки коишто се преземаат за обезбедување подобар живот на младата популација, се вели во соопштението.
Претставниците од Клубот на млади пратеници го споделиле нивното искуство околу начинот на кој вршат консултирање и вклучување на младите во креирањето и носење на одлуки. Тие го објасниле процесот на соработката со младинските организации со цел донесување законски решенија во најдобар интерес на младите.
Во рамки на студиската посета била остварена средба со Младинскиот совет на Словенија, при што биле презентирани нивните активности, соработката со локалната самоуправа и со Клубот на млади пратеници, а ги објасниле и законските одредби кои го уредуваат функционирањето на младинските организации.
Собраниската делегација остварила средба и со Студентската организација на македонски студенти во Словенија кои дале информации околу студентскиот стандард во Словенија, состојбата со домувањето, добрите практики во областа на студентското организирање, можноста за студентска работа, како и мотивите за евентуално враќање во земјата.
Посетата е организирана со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер преку проектот „Практикувај демократија“ финансиран од Британската амбасада во Скопје. цр/ац/
Фото: Собрание на РСМ