Собраниската расправа по Информацијата за предлог-преговарачката рамка продолжува утре
- Расправата по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателство
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Расправата по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година, ќе продолжи утре во 11 часот.
Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.
Во собраниската сала и вечерва атмосферата беше проследена со прозивки и обвинувања на двата табора. Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараа отфрлање на овој предлог кој, според нив, води кон директна асимилација на македонскиот народ, уцени и повеќегодишно попречување на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија. За разлика од нив од владеачкиот табор смируваа дека преговарачката рамка нуди неповредливост на македонскиот идентитет и јазик и почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јарески рече дека 73 отсто од народот е против овој договор.
- Имате надвор народ на улиците, деноноќно, експерти, членови на сите партии, активисти, загрижени граѓани за нивната иднина. Сите во еден глас кажуваат освестете се и не го прифаќајте ова. Почеток за преговори нема, бидејќи барањата за преговорите немаат крај, и бараат да се отвори Уставот, но тоа нема да се случи. Овој договор е ништовен, ниеден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги штити интересите на Македонија и Македонците, истакна Јарески.
Синиша Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече „сите сме за тоа да бидеме дел од европското семејство, но битно е под какви услови“. Според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова, нема никакви гаранции дека нема да има понатамошни условувања од страна на Бугарија. Напротив, посочи таа, барањата ќе се множат и нема да имаат крај. Пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ реплицирајќи на обраќањето на пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ и обраќајќи се до пратениците од таа партија рече дека оваа држава ќе оди напред. - Никогаш нема да ја вратите оваа држава назад, порача Георгиевска.Пратеничката од СДСМ Санела Шкријељ, истакна дека во изминатиот период од 11 години додека владееше ВМРО-ДПМНЕ не решиле ниедно важно прашање.
- Седнете и добро прочитајте и ако и мислите добро на оваа држава, гласајте за овие заклучоци што значат гаранција за македонскиот јазик и идентитет и јазик. Во спротивно покажувате дека не ви е гајле ни за јазик, ни за идентитет, ни за историја, рече Шкријељ.
Дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија почна вчера во Собранието. рп/аа/