• вторник, 24 декември 2024

Собранието треба да ја продолжи расправата за Националната стратегија за спречување на корупцијата

Собранието треба да ја продолжи расправата за Националната стратегија за спречување на корупцијата
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Собранието денеска ќе ја продолжи 32-та седница на чиј дневен ред е расправата по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интерес 2021-2025. Расправата по предлог стратегија пратениците ја почнаа вчера. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, пред пратениците, посочи дека петгодишната Национална стратегија што ја изработи ДКСК е прв документ од областа на борбата против корупцијата што се усвојува на највисоко ниво, и во него се детектирани 12 секторски приоритетни проблеми меѓу кои правосудството, медиумите, вработувањето во јавниот сектор, процесот на јавни набавки, спроведувањето на надлежностите во јавниот сектор… -Успешната антикорупциска политика е дел и од процесот на евроинтеграции, а стратегијата е темел за унапредување на законската рамка и преземање на реформски активности. ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен процес во подготовката и изработката на стратегијата со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, медиуми, но и претставници од Делегацијата на Европската Унија, ОБСЕ, РАИ и ИРИ, рече Ивановска. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во текот на вчерашната расправа рекоа дека ќе го поддржат носењето на Стратегијата, бидејќи таа е важна за државата и од нејзините резултати ќе зависи и напредокот во евроинтеграциите, но изразија сомнеж во капацитетот на власта за нејзино спроведување. За пратениците од власта, ова е вистинска стратегија во вистинско време, а нејзината имплементација зависи од сите. На дневен ред на 32. седница се останати повеќе предлог законски решенија, но и годишни извештаи за работа и финаиски планови за работата на државни институции и независни регулаторни тела. За дел од точките на дневен ред расправата е завршена на некое од минатите продолженија на седницата и треба само да се гласа. аа/лв/  

Остани поврзан