• среда, 25 декември 2024

Собранието на пленарна седница ќе расправа за улогата на жените во 10. состав на Парламентот

Собранието на пленарна седница ќе расправа за улогата на жените во 10. состав на Парламентот

Скопје, 8 март 2024 (МИА) - Годинава по повод Меѓународниот ден на жените – 8 Март, Собранието ја продолжува праксата на одржување пригодна пленарна седница исклучиво посветена на родовата еднаквост и на унапредувањето на женските права.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески за денеска со почеток во 11 часот во салата „Македонија“ ја закажа 146. седница, втора по ред која се однесува на оваа тема.

Како што информираат од собраниската прес-служба, единствена точка на дневен ред на седницата е Информацијата за активностите и улогата на Клубот на пратенички во подобрување на состојбата на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, во 10. пратенички состав на Собранието на Република Северна Македонија, односно во мандатот од 2020 до 2024 година. Посочуваат дека поради присуството на повеќе гости таа ќе биде следена и од салата „Голема купола“.

На седица, како што посочуваат од собраниската прес-служба, освен претседателот на државата и членовите на Владата, како гости во Собранието поканети се сопругата на претседателот на државата, актуелни градоначалнички, поранешни пратенички, поранешни министерки, дипломатскиот кор во земјава. Покани се упатени и до претставници на медиумите, како и до домашни невладини организации и меѓународни организации чии активности се во сферата на унапредувањето на родовата еднаквост и кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.

-Клубот на пратенички е неформална група во Собранието на Република Северна Македонија, составена од сите пратенички, независно на која пратеничка група припаѓаат. Учеството на жените во парламентот варираше со текот на годините, а неговото зголемување беше политички приоритет во последните години. Историски гледано на самиот почеток на парламентаризмот во нашата земја процентот на парламентарки бил помал од пет отсто, односно незначителен во споредба со другите европски земји. Декларацијата која овозможува зголемено учество на жените во политиката, донесена во 1998 година, ја тргна земјава од дното на листата за застапеноста на жените во политиката низ државите во Европа, се вели во соопштението на Собранието.

Од Собрание информираат дека овој пратенички состав годинава го завршува мандатот со најголем број жени досега, односно 51 пратеничка. Исто така, на чело на Службата на Собранието, во која во моментов се вработени над 160 жени (или речиси двојно повеќе отколку мажи), е генералната секретарка Цветанка Иванова.

Лани на 8 март, во Собранието првпат се одржа редовна пленарна седница исклучиво посветена на родовата еднаквост, а по повод 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички. Посочуваат дека интенција на Собранието е редовните пленарни седници посветени на родовата еднаквост да станат традиција секоја година по повод Меѓународниот ден на жените.фф/мд/

Фото: МИА Архива/Собрание на РСМ

Остани поврзан