Изгласани интерпелациите на петте члена на Судскиот совет
- Собранието на денешната седница со 73 гласа изгласа недоверба на членот на Судскиот Совет Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа. Со ова заврши денешната собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Собранието на денешната седница со 73 гласа изгласа недоверба на членот на Судскиот Совет Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа. Со ова заврши денешната собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.
Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.
Собранието констатира дека Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Воедно, се наведува дека овие членови ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, тие го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судски совет.
Според пратеникот Бобан Карапејовски, самиот состав на Судскиот Совет е „изваден од партиските штабови“.
- Кога ја избирале Тања Чачорова Илиевска, предлогот е потпишан од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш, Костадин Костадинов, омилениот градоначалник на семејството Заеви. Познатиот правник бил адвокат, потоа бил посебен советник за правда во канцеларијата на претседателот на Владата. Толку за неполитизираноста на Судскиот совет, рече Карапејовски.
И пратеникот Љупчо Пренџов рече дека Чачарова Илиевска не само што била адвокат, туку и донирала пари за СДСМ.
-. Право и правда не донесоа, туку биле најобични партиски војници и лични адвокати и правни советници на Зоран Заев, рече Пренџов.
Според пратеникот Халил Снопче, овие членови на Судскиот Совет не ги исполниле условите да бидат во служба на правото и на државните интереси, туку се воделе од политички интерес.
- Нивната дејност била политичка и како последица, немале успех во нивната работа, како членови на Судскиот Совет. Овие членови изгледа дека како приоритетот на нивното дејствување не го ставиле државниот интерес и интерес на граѓаните, туку на оние од кои биле изберени. Тие не ја поддржувале правдата, туку работеле според политичките интереси. Ние како пратеници мора да дејствуваме. Зголемување на довербата во судството не може да се случи со истите судии и обвинители, рече Снопче.
Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа не беа присутни на денешната собраниска седница.
На денешната расправа за интерпелациите на петте члена на Судскиот совет не присуствуваа пратениците од СДСМ. бт/бак/
Фото: Принтскрин