• среда, 27 ноември 2024

Собранието го донесе ребалансот со поддршка од 470 милиони евра за влијанието од кризата

Собранието го донесе ребалансот со поддршка од 470 милиони евра за влијанието од кризата
Скопје, 3 ноември  2020 (МИА) - Ребалансот на буџетот, насочен кон поддршка на граѓаните и стопанството од последиците од ковид-кризата, вечерва ја доби поддршката во Собранието. За гласаа 55 пратеници, против немаше, воздржани 24 пратеници. Неговото носење ја отвора можноста за реализација на четвртиот пакет мерки од 470 милиони евра, насочени кон граѓаните и економијата. Со ребалансот се предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за инансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби. Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на ниво пониско за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година пред КОВИД кризата. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19. Со прифатени амандмани со овој ребаланс, кој е втор годинава, е обезбедена и финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери. -Стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од четвртиот пакет. Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува, порача министерот за финансии Фатмир Бесими во расправата. . За пратениците од мнозинството ребалансот обезбедува навремена и ефикасна помош за работниците, ранливите категории граѓани, но и за компаниите погодени од коронакризата. Четвртиот пакет мерки изнесува 470 милиони евра за помош на граѓаните и стопанството. За пратениците од опозицијата тој нема да ги даде резултатите што се очекуваат и дека поддршката како и во претходните ќе биде помала. Пред гласањето претходеа повеќе процедурални забелешки. скс/

Остани поврзан