• понеделник, 23 декември 2024

Собранието во наредниот период ќе има клучна улога во борбата против корупција, потребно и интензивирање на соработката со ДЗР и ДКСК

Собранието во наредниот период ќе има клучна улога во борбата против корупција, потребно и интензивирање на соработката со ДЗР и ДКСК

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - За да се постигнат ефективни резултати во борбата против корупцијата, Собранието со својата законодавна и надзорна работа може да има клучна улога, при што потребна е исклучителна политичка волја и од власта и од опозицијата, натпартиски напори, како и враќање на довербата во правосудството. Ова е заклучокот од настанот „Парламент 2024-2028: Нови заложби во борбата против корупцијата“ посветен на улогата на Собранието во зајакнување на борбата против корупцијата кој Институт за демократија .

Миша Поповиќ од Институтот за демократија изјави дека настанот има за цел да одреди улогата на Собранието во борбата против корупција во наредните четири години, со оглед дека Владата има амбициозна агенда на многу различни полиња, односно кои се инструментите коишто му се дадени на Собранието за да ги направи реформите што ќе ги бара Владата во наредниот период отпорни на корупција. Меѓутоа, наведува, истовремено и да ја вклучи својата надзорна улога во наредните четири години се со цел да обезбеди дека институциите работат онака како што е посакувано користејќи ги средствата на граѓаните, на даночните обврзници онака како што треба на домаќински начин и истовремено не дозволувајќи да се овозможат привилегии за неколкумина на штета на големиот дел од граѓаните.

-Токму затоа улогата на Собранието во наредниот период можеби ќе биде клучна во борбата против корупција и затоа сакаме да разговараме со Собранието, меѓутоа и со ДЗР и ДКСК како тела коишто можат да му помогнат на Собранието да ја исполни оваа задача, меѓутоа и невладиниот сектор којшто со своите истражувања, со своите застапувања може континуирано во наредните четири години да обезбеди мобилизација на граѓаните, мобилизација на еден конструктивен притисок за да се исполни оваа улога. Секако можат и со свои истражувања и наоди исто така коишто постојано и веќе ги прават. Токму затоа на самиот почеток на овој собраниски состав разговараме со претставниците во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се со цел да се нацрта на некој начин таа агенда во наредните четири години, вели Поповиќ.

Прашан во однос на најавените реформи за Судски совет и Советот на јавни обвинители  тој оцени дека дискусијата околу реформите во правосудството треба да се води во Собранието, но решението треба да го најде судската, односно правосудната гранка на власта.

-Клучното за обезбедување на крајната цел, а тоа е квалитетна правда, правда ослободена од бизнис и политички влијанија е задача на фелата, на правосудната фела и тие треба да го најдат на крајот на денот решението како да се ослободат од сите оние коишто во рамките на нивната фела дозволуваат политичко и бизнис влијание да има ефект кон пресудите и гонењето на криминалците, вели Поповиќ појаснувајќи дека одговорноста крајна за позитивниот исход треба да ја почувствуваат всушност оние на кои што се однесува реформата, а тоа се судиите и јавните обвинители.

Пратеникот и претседател на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Љупчо Пренџов истакна дека факт е дека во земјава единствено што „цвета“ се криминалот и корупцијата и на тоа мора да му се стави крај.

-Мораме да престанеме да констатираме дека корупцијата ни е некоја неизлечлива болест, на која што само ќе и ги лечиме последиците. Не, ние имаме визија да ставиме крај на криминалот и на корупцијата во Република Македонија. Затоа сме овдека да поразговараме и со ДЗР којшто секојдневно констатира криминал и корупција, а ние никако да видиме име и презиме, одговорен за тие криминал и корупција...Собранието покрај тоа што има законодавна улога која што ги донесува сите законски решенија во државата, тоа има и надзорна улога на сите оние институции коишто се формирани од страна на Собранието и било кои од тие директори, управители на тие институции може во кој било момент да ги повика на јавна расправа и на отчет пред јавноста на Република Македонија, рече Пренџов.

Прашан во однос на распуштањето на Судски совет и Советот на јавните обвинители, и реакциите на дел од амбасадорите, посочи дека реформите кои се предвидени со владината програма не се мешање во работата на правосудството и оти актуелниот систем не дава резултати во борбата против криминалот и корупцијата во државата и оти логично е тој систем да биде променет.

-Тој систем мора да биде променет со едни робусни реформи каде што ќе имаме мерливи критериуми, каде што нема да ставаме луѓе на витални, клучни институции и ќе пишува истакнат правник. Што е тоа истакнат правник? Значи, во Програмата за работа на Владата имаме целосен сликовит опис за тоа и на кој начин гледаме да ги направиме тие реформи, да го промениме тој систем којшто продуцира криминал и корупција, бидејќи на крајот на денот криминалот и корупцијата, правната несигурност на кој било од нас независно од професијата, многу влијаат на тоа колку луѓе се иселуваат од Република Македонија, на колку луѓе им е преку глава од системот во Република Македонија. Системот мора да биде променет, порача Пренџов нагласувајќи дека борбата мора да се води транспарентно, отчетно бидејќи судиите, обвинителите и политичарите постојат заради граѓаните, а не обратно

Максим Ацевски главниот државен ревизор, истакна дека Државниот завод за ревизија на 27 јуни го достави до Собранието Годишниот извештај за својата работа за 2023, каде информираме за целокупниот сет на извршени работи за извршените ревизии и утврдените состојби, при што се утврдени состојби, кои вели во континуитет продолжуваат и понатаму да се појавуваат, односно дека како држава не собравме сили и средствата да се справиме со одредени состојби. 

-Ако ги погледнете бројот на ревизии ќе видите дека се извршени 66 видови на ревизии, издадени се 100 ревизорски извештаи каде што постапувајќи согласно поставените стандарди во однос на придобивките за граѓањето од работењето на ДЗР може да констатирате дека додадената вредност од работата на ДЗР во однос на буџетот на државата и буџетото на општините е еден наспрема 60, или ако државата издвоила еден денар, ДЗР вратил во буџетот на државата или во буџетот на општините 60 денари. Тоа значи дека навистина ние сме утврдиле дека во буџетот на државата и на опшините има помалку уплатени средства некаде пивеќе од 8 милијарди денари или над 140 милиони евра. Ако го погледнете износот на утврдени незаконски користења на средства, исто така во континуитет изнесува висок износ. Ако ги погледнете  неправилностите од доделување на договорите за јавни набавки и понатаму продолжува висок износ на неутврдени неправилности во доделувањето на договорите за јавни набавки.И она што сакам да истакнам, ако погледнете во делот на  средства изгубени по однос на грантови кои што сме ги изгубиле од ЕУ и други меѓународни донатори, навистиан е жалосно кога вам ќе ви дадат одредени грантови вие да немате сили и знаење да ги искористите тие грантови, вели Ацевски. 

Во самиот Годишен Извештај во табелата за користење на заеми, кредити и платени казнени пенали се посочува дека државата во изминатиот период има платено 1,6 милијарди денари или 26 милиони евра за неповлечени кредити и заеми, што вели, гоовори за недомаќинско трошење на средствата на даночните обврзници. Тој изрази уверување дека во наредниот период ќе се преземат активности за превенција на таквите активности, бидејќи, нагласи, најголема инвестиција е да инвестирате во превенцијата. Главниот ревизор изрази очекување дека соработката со Собранието ќе продолжи и во наредниот период, потсетувајќи дека во рамки на таа соработка за прв пат меѓу овие две институции (ДЗР и Собранието) во 2022 година беше потпишан Меморандум за соработка и за прв пат во историјата се разгледал конечниот ревизорски извештај за Онкологија.

-Ги имаме првите репресивни мерки за менаџментот на таа клиника со која што управува. Верувам дека таквата активност ќе продолжи и во наредниот период, имаме сериозни индиции дека постои желба и намера за интензивирање на соработката со законодавниот дом и со надлежнатата комисија и дека ќе се воспостави пракса да се повикуваат менаџерите на одредени институции за да дадат одговор за тоа како управувале со средствата на даночните обврзници, рече Ацевски. 

Тој додаде дека за она каде како ДЗР констатирале одредени неправилности или имаат изразено сомнеж за несоодветно користење на средствата, таквите извештаи ги доставуваат до ЈО.

-Морам да кажам дека во последните две години имаме соодветна коректна и професионална соработка со ЈО која се одвива на три нивоа - на ниво на менаџмент, на ниво на контакт лица кои ги имаме назначено во двете институции и на ниво на помошници главни државни јавни ревизори и соодветни јавни обвинители. Ако до 2021 година не можевме да добиеме информации за степенот на преземени мерки по ревизорските извештаи во текот на оваа година таквите информации ги добивме за пет дена и тоа е екоректно ни Државниот ревизор има одлична, рече Ацевски.

Прашан дали се покренати обвиненија на основа на овие извештаи, Ацески како илустрација кажа дека од вкупно доставените конечни извештаи степенот на прифатеност по кои се преземени мерки и активности е 85 проценти, што вели, гоовори за квалитетот на работата на ДЗР. Како што појасни од поднесени  41 конечни ревизориски извешати до Обвинителство, 85 проценти се прифатени и по нив се покренати постапки. Конкретни обвиненија во моментов се покренати за менаџментот на Онкологија. 
 
Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување дебата за отчетност и антикорупција“ кој цели да придонесе кон реформски процеси во Северна Македонија преку зајакнување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата и креирањето реформи во владеење на правото, овозможувајќи дијалог меѓу партиите и подмладоците, како и меѓу пратениците и граѓанското општество. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија. вг/нд/

Фото: МИА
 

Остани поврзан