• сабота, 21 декември 2024

„Соба на бајките“ - Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“ донираа библиотека во Детската клиника - Скопје

„Соба на бајките“ - Зоран Спасов Ѕоф и „Арс Ламина“ донираа библиотека во Детската клиника - Скопје

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Авторот Зоран Спасов Ѕоф и издавачката куќа „Арс Ламина“ донираа библиотека во Детската клиника - Скопје. Новото книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника и е збогатено со илустрациите од книгата со најубавите бајки на сите времиња „Си беше еднаш“ (издание на „Арс Ламина“), која е со илустрации на Наталија Лукомска. Оваа книга, заедно со уште 100 други книги за деца, сликовници, читанки и лектири на македонски и на албански јазик се на полиците на библиотеката наменети за сите деца што престојуваат во Клиниката.

Како што информира „Арс Ламина“, библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена минатата година.

Директорот на Клиниката д-р Реџеп Мемеди истакнал дека ова е уште еден голем гест на хуманост. - Библиотеката „Соба на бајките“ е опремена со повеќе изданија на детска литература приспособена на возраста на децата кои се лекуваат на нашата клиника. Се надеваме дека сликовниците, лектирите со детска литература ќе го облагородат и олеснат секојдневието на нашите пациенти за време на нивниот престој на клиниката, изјавил Мемеди.

Според Спасов Ѕоф, книгите имаат неверојатна моќ да лекуваат, да подигнуваат и да нè пренесат во различни светови, дури и во најтешките моменти. - Се надевам дека децата кои ќе поминуваат време во „Соба на бајките“,  во неа ќе најдат радост, утеха и инспирација за време на периодот на оздравување. Заедно со „Арс Ламина“, горди сме што придонесуваме за создавање на овој простор исполнет со приказни кои ќе им ја дадат сила и оптимизам што им се потребни за посветли денови, изјавил Спасов Ѕоф, кој средствата од сите свои книги ги донира таму каде е најпотребно. Тој најавува дека и сумата од продажбата на неговата најнова книга „И јас сум Сирма“, која беше објавена минатиот месец, ќе ја намени во хумани цели.

Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“ потенцирала дека со оваа донација ја продолжуваат заложбата да им помогнат на најранливите категории, особено на децата. - Му благодариме на Зоран Спасов Ѕоф, со кој ја делиме општествената одговорност за помош таму каде што е најнеопходно и заеднички да придонесеме во создавањето на оваа прекрасна библиотека „Соба на бајките“ во Детската клиника - Скопје. Веруваме дека со оваа библиотека ќе им дадеме извор на надеж во текот на нивниот период на лекување. Се надеваме дека овие книги не само што ќе им понудат моментално растоварување, туку и ќе ги инспирираат да ја покажат својата сила, отпорност и волја. Верувам дека „Соба на бајките“ ќе раскаже една нова, поведра приказна во животот на сите дечиња, додала Бугариска.

Ова е втора библиотека што „Арс Ламина“ ја донира во Детската клиника. Пред неколку години ја обезбеди библиотеката во Дневниот центар „Собата на Жозеф“ - специјализираната просторија за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, која беше опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак „БОРКА – За секој нов ден“. мд/лв/

Фото: „Арс Ламина“

Остани поврзан