• понеделник, 23 декември 2024

Смилковски за МИА: Сонувам ТФТ да добие своја сала, пласман на Ф4 во БИБЛ и борба за титулата во македонското првенство

Смилковски за МИА: Сонувам ТФТ да добие своја сала, пласман на Ф4 во БИБЛ и борба за титулата во македонското првенство
Скопје, 23 февруари 2022 (МИА) - Екипата на ТФТ е најпријатното изненадување во досегашниот дел од сезоната. Маалскиот клуб од Тафталиџе прераснува во значаен фактор во мак-баскетот. По само една и пол година настапи во Првата лига, освоен е еден од двата највредни трофеја на домашната сцена. Атмосферата во тимот, начинот на кој функционираме, нашата визија за следните години, го прави клубот една од најпосакуваните средини за домашни и странски играчи кои имаат голем потенцијал, вели во интервју за МИА, Боро Смилковски, најзаслужниот за постоењето и подемот на клубот. Кажете ни нешто повеќе за организацијата, поставеноста на клубот, каква е финансиската состојба?  Од моментот кога формирав клубот, 2018 година, кажав дека првиот трофеј во Тафталиџе ќе го донесам за пет години. Ние сме единствени од деветте освојувачи на купот која во жрепката беше на осмата позиција, победувајќи ги двете аба2-лигашки екипи и сериозен тим каков што е ФМП. Немам зборови со кои можам да опишам како дојдовме до тука. Неверојатна жртва, емотивна, финансиска, енергетска, на сите кои се заслужни ТФТ да биде тоа што е. А во моментов е една од најпосакуваните дестинации за македонски и странски кошаркари кои сакаат да го покажат својот потенцијал. Функционирањето, како и кај најголемиот дел од македонските спортски екипи не е лесно. Клубот постои и се финансира од мала група „фанатици“ помеѓу кои сум и јас самиот, но не би влегувал во детали. Голема лична жртва на мал број индивидуи кои обезбедиле финансии издвојувајќи нешто свое. Нашиот капитен Едис Нури во едно интервју ме опиша како претседател, тренер, директор, економ, возач на клубот. Сето тоа има предности, има мани. Предностите се затоа што одговарам пред себе самиот. ТФТ е мојот живот. Тука мора да го истакнеме и системот на спортски ваучери за кој ќе кажам дека не дозволува спортски субјект да згасне преку ноќ. Не е доволно за еден клуб целосно да биде издржуван од државата, но е голема помош за сите нас. Концептот на ТФТ е да понуди нешто поразлични и допадливо во окото на неутралниот гледач. Сакавме да направиме нешто поразлично. Верувам дека МВП-то на купот Амир Смит има светла иднина во кариерата и дека ќе биде име кое ќе се памти овде. Тврдам дека тој е директен причинител многу деца да се запишат на кошарка затоа што отскокнува од македонскиот стереотип на кошаркар. Има атрактивни потези поради кои ние гледаме Евролига, НБА-лига и тоа е концептот на ТФТ. Кој е рецептот за успех по не цели две години играње во Првата лига?     СЕ што се случува во клубот е искрено, со огромна желба, поврзани сме како една фамилија. Секој поединец вложува огромна енергија. Сите кои се дел од нашиот стручен штаб. Многу луѓе успеав да натерам да веруваат во она јас што го сонувам. Затоа убеден сум дека успехот се должи на тој рецепт. Во мотивацискиот пред финалето на купот им кажав на момците дека животот сигурно ќе не однесе по различен пат, но дека овој ден можеме да го направиме денот – Д за секој од нас. Во буквална смисла на зборот испишавме историја, функциониравме како едно, сите во клубот вклучувајќи ја и нашата публика. Доказ дека нашиот успех е вреднуван се 1.183 пораки добиени само на Вибер кога влегов во соблекуваната по финалето со МЗТ Скопје. Сепак, најважното што се случи минатиот викенд, не е ниту Боро, ниту ТФТ, туку тоа што победи кошарката, се врати публиката во салата која беше исполнета со 70-80 % иако беше дозволен капацитет 50 %, а надвор останаа околу 1 000 луѓе. Се надевам дека оваа фама ќе биде искористена позитивно и дека ќе го вратиме интересот за кошарката помеѓу најмладите, исто така и да ја вратиме публиката во салите. Тимот од Тафталиџе нема свој дом, домаќини во Кале. Имаше најава за изградба на спортски комплекс во Карпош и таму да ги играте своите натпревари. Почнат ли е проектот, до каде е реализацијата?    Местоположбата на салата „Форца“ претставува срцето на Тафталиџе. Најголемите поддржувачи на ТФТ, вклучувајќи ме и мене, сме од тој дел на населбата. Сонувам ТФТ да добие своја сала. Летото бевме блиску до договор со менаџментот на салата, да реализираме проект со кој ТФТ ќе добие свој дом. Сепак пандемијата не поколеба, целиот проект се стопира, но останува како опција за во иднина. Можеби не е стигнат моментот, но учеството во БИБЛ-лигата и условите во регионот. Сега како домаќини играме во салата „Кале“, имаме солидни услови. А обезбедување на услови може да се овозможат со добра организација и менаџирање во насока да одиме да се натпреваруваме на едно повисоко ниво. Дека можеме, доказ е ракометниот клуб Вардар со двете освоени титули европски шампион, нешто што мене како Македонец ме направи многу горд, исто како што бев горд со 4. место во Литванија. Нешто за младинските категории, вложувањата во најмалдите.   ТФТ во моментов има две селекции, до 16 и до 18 години која игра во Првата лига. Заедно со децата од нашата академија имаме околу 100 деца. Имаме квалитетни младинци, две-три од нив веќе се приклучени да работат со првиот тим. Мислам дека треба да се поработи на создавање кадар оспособен да работи со најмладите кошаркари. На децата им треба анимација и вродување желба да ја засакаат и одберат кошарката да се занимаваат како спорт. Тежнееме кон проширување на младинските категории, сериозни инвестиции со цел подигнување на квантитетот и квалитетот. На меѓународната сцена игравте во на квалификациски турнир во Краснодар и настапувате во БИБЛ каде ја поминавте прва фаза.  Квалификацискиот турнир за Еврокупот ни донесе голем трошок, но искуството ни помогна. Потајно се надевавме дека нема да треба да патуваме толку далеку и да бидеме изложени на таков финансиски трошок, но ќе кажам дека учеството таму, како и настапите во БИБЛ се дел од мозаикот како ТФТ се стави во ситуација да биде освојувач на купот. Натпреварите со поквалитетни противници ни дадоа појасна претстава како тоа го прават другите од аспект на организација, функционирање. Доколку нашиот пласман ни дозволи, би сакал наредната година ТФТ да се најде во некоја од групите во евро-куповите. За сезонава имаме шанси за полуфинале во БИБЛ. Имаме квалитет за пласман на завршниот турнир. Општ впечаток дека ТФТ направи одличен избор на страници, (Хортон, Смит, Бишоп,...) кои во комбинација со македонските играчи (Костовски, Маслинко, Ташовски, Николов.....) е компактна функционална целина. Како ја правите селекцијата?  Многу добро прашање. Од самиот почеток и влезот во Првата лига ова беше тоа што го сакам. Екипа која има атлетски што да понуди, тежнеев кон создавање тим атрактивен за гледање. Сите играчи се избрани по макотрпен скаутинг кој ги надминува границите на нормално функционирање на некој човек. Но, сметам дека и другите екипи имаат квалитетни странци, а тоа што нас не издвојува е можеби тоа што успеавме да ги убедиме да веруваат во заедничката наша приказна. Во тоа успеавме со напорна работа, тим-билдинзи, градење тимска хемија, анимација. Јас на моите играчи на теренот сум им тренер, а надвор од него родител, или постар брат, тие ми веруваат. Ваша прогноза за домашното првенството, нивото на кошарката, амбициите на ТФТ. Амбициите на ТФТ пред почетокот на првенство беа пласман помеѓу првите шест. Немаме притисок, но имаме одговорност кон самите себе. По прикажаното на купот, реално е да се гледаме во топ 4 екипи во Македонија. Нека остане целта Суперлигата, меѓутоа да го покажеме оној скриен апетит полуфинале, а зошто не и повеќе. Ќе имаме што да кажеме и во шампионатот. Може ова за нас да биде година за паметење. Во тек се квалификации за Светско првенство. Македонската репрезентација има два пораза по два натпревара. Ја чека двомеч со Грузија. Имаме ли шанса за нешто повеќе?   Треба да бидеме реални и да кажеме дека смената на генерациите по ЕП во Литванија си го земаа данокот. За оваа селекција ќе кажам дека има перспектива. Во Ненад Димитријевиќ гледам иден лидер на Македонија. Настапот во репрезентативниот дрес е светост. Култот кон репрезентацијата во изминатите години беше опаднат и тоа се рефлектира со намален интерес кај најмладите да се занимаваат со овој спорт. Имаме добри играчи од младинските категории и предвидувам подобри денови за нашиот национален тим. Каде се гледа Боро Смилковски во иднина? Во ТФТ ќе бидам се додека имам амбиција за нешто повеќе од ова во моментов, а се уште имам многу големи амбиции. Отсекогаш велев дека иднината на ТФТ е да стане препознатлив македонски бренд во кошарката којшто достоинствено ќе не претставува во европските рамки во континуитет во годините што следат. Ние сме на почеток на нашиот пат. Морам да потенцирам дека нашиот развој не е ни природен ни нормален. Ова е сценарио за документарец да се направи. Ние не одиме напред чекор по чекор, туку десет чекори одеднаш. Тоа поставува нереални амбиции и очекувања. Треба да сме свесни дека и во случај да не биде нешто исполнето, д ане се разочараме. Желбите ќе ги ограничам на тековната сезона. Тоа се пласман на „Фајнал фор“ во БИБЛ и борба за титулата во македонското првенство. Зоран Стерјовски Фото: Дарко Попов

Остани поврзан