• вторник, 19 ноември 2024

Словенечкото МНР го повика на разговор израелскиот амбасадор поради нападите во Либан

Словенечкото МНР го повика на разговор израелскиот амбасадор поради нападите во Либан

Њујорк, 24 септември 2024 (МИА) - Словенечкото Министерство за надворешни работи денеска го повика на разговор израелскиот амбасадор, поради нападите во Либан кои веќе однесоа повеќе од 500 животи, изјави министерката за надворешни работи Тања Фајон на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Според извори во словенечкото Министерство за надворешни работи, разговорот е закажан за утре.

Како што рече министерката Фајон, се чини дека „Либан станува новата Газа“, а ситуацијата ја оцени како загрижувачка. Таа рече дека Израел го „ескалира насилството“ во Либан, Газа и Западниот Брег.

-Словенија ќе направи се што е во нејзина моќ, истовремено почитувајќи го меѓународното право и, се разбира, Повелбата на Обединетите нации, најави таа.

Таа, исто така, најави дека наскоро ќе се сретне со либанскиот министер за надворешни работи за да разговара што друго може да се направи.

Франција, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, побара итен состанок на телото денеска откако Израел го започна најмоќниот бран воздушни напади против иранската милиција Хезболах во Либан во последните децении, во кои беа убиени стотици луѓе, вклучително и деца. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан