• среда, 27 ноември 2024

Словачка ја укина забраната за ноќно излегување

Словачка ја укина забраната за ноќно излегување
Братислава, 10 јануари 2022 (МИА) - Словачките власти во неделата ја укинаа забраната за ноќно излегување, а укинувањето на другите мерки сè уште е неизвесно бидејќи бројките на заразени со Ковид-19 остануваат високи.
Забраната, воведена во средината на декември за да се спречи ширењето на коронавирусот, беше на сила од 20 часот до 5 часот наутро.
Од понеделник, на училиштата низ Словачка повторно им е дозволено да одржуваат настава во училници, но дури и најмалите деца мора постојано да носат заштитни маски. Маските ФФП2 се задолжителни во областите кои се најмногу погодени од инфекцијата.
Сè уште се забранети собири на повеќе од шест лица од различни домаќинства.
Опозициските партии ја обвинуваат владејачката коалиција од четири партии дека со вакви остри мерки се обидува да ги спречи антивладините протести, а не толку пандемијата.
Помина една недела откако на рестораните и другите угостителски објекти им беше дозволено да служат храна во затворени простории, но влезот им е дозволен само на оние кои прележале Ковид-19 или се вакцинирани.
Деталите за олеснување на ограничувањата за културните активности, кои треба да стапат на сила во понеделник, допрва треба да бидат објавени.
Министерката за култура Наталија Миланова во текот на викендот најави дека одлуката за ова прашање ќе биде донесена подоцна во понеделник. паг/
 

Остани поврзан