• понеделник, 23 декември 2024

„Следоред“ со рекордни 27 номинации за годинашните „Еми“ награди

„Следоред“ со рекордни 27 номинации за годинашните „Еми“ награди

Лос Анџелес, 13 јули 2023 (МИА) - Драмата на „Ејч-би-о“, „Следоред“ (Succession), води по бројот на номинации за телевизиските „Еми“ награди, со 27 можности за одличје за својата последна сезона. Toa e рекорд како број на номинации во една година.

Досега двапати прогласена за најдобра драма, приказната за битката за контрола на медиумската империја на едно семејство, се натпреварува покрај апокалиптичната „Последните од нас“ (The Last of Us) која доби 24 номинации. За најдобра драмска серија, номинирани се и „Куќата на змејот“, „Андор“, „Повикај го Сол“, „Јелоуџекетс“, „Круна“ и „Белиот лотос“.

„Тед Ласо“ - двократен добитник на „Еми“ за најдобра  хумористична серија, ќе се бори за наградата за најдобра комедија против „ОУ Абот“ (Abbott Elementary), „Чудесната г-ѓа Мајзел“, „Само убиства во зградата“ (Only Murders in the Building), „Мечка“ (The Bear), „Бери“ и „Венздеј“.

Ѕвездите од „Наследство“ Брајан Кокс, Џереми Стронг и Киран Калкин се во трка за најдобар глумец во драма, а нивната колешка Сара Снук се смета за фаворитка во женската категорија.

Првпат номинираните Џереми Ален Вајт од „Мечка“ и Џејсон Сигел, кој глуми психотерапевт од „Терапија“ (Shrinking), се кандидати за најдобар глумец во комедија, покрај веќе наградениот Џејсон Судејкис, ѕвездата на „Тед Ласо“. Во категоријата комедија, номинирани се и глумиците Рејчел Броснахан, Квинта Брунсон, Кристина Еплгејт, Наташа Лајон и Џена Ортега.

Победниците ќе бидат избрани од речиси 20.000 членови на Телевизиската академија. Наградите обично се доделуваат во септември, но тоа овојпат може да биде одложено поради штрајковите на сценаристите и глумците.  си/паг/

Фото: ИМДБ

Остани поврзан