• четврток, 26 декември 2024

Скулпторката Нела Јанковска дел од „Зимски салон 2022“ на ДЛУМ

Скулпторката Нела Јанковска дел од „Зимски салон 2022“ на ДЛУМ
Крива Паланка, 11 февруари 2022 (МИА) - Академската скулпторка од Крива Паланка Нела Јанковска е дел од годишниот реномиран настан на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, „Зимски салон“, што пред два дена официјално беше отворен во Чифте амам.
На деветнаесеттата манифестација „Зимски салон“ на тема „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“ беа изложени дела од македонски уметници, членови на ДЛУМ, како и од пет автори странци.
Селектор е романската професорка од Националниот Универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу.
-Моите скулптури се дел од циклусот „Патници низ времето“, којшто го работам долго време. Тие се временски апстракт од оваа наша реалност, којшто го нареков пандемија. Техниката е комбинирана, уникатна, оригинална и јас се гордеам што како таква е наградувана со национални награди. Јас овие скулптури ги нареков „коронарни“ и го прикажуваат процесот низ којшто се одвиваше пандемијата. Едната од нив е „Ковид-19“, па „Делта“, мала фигура со маска на лицето, олицетворение на луѓето во корона добата и до неа стои „Омикрон“, која претставува женска фигура со дете во рацете, кое исто така е со маска на лицето, но го симболизира и животот кој се раѓа, надминувајќи го лошото време, како симбол на победата над ова современо зло, изјави Јанковска.
Нејзините скулптури се со приближна човечка димензија - висина, почнувајќи од 150 сантиметри.
На отворањето на манифестацијата присуствуваше и директорот на Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски, којшто меѓу другото работи на зачувување, промоција и афирмација на творештвото на Јанковска.
Тој истакна дека е мошне важно нашите автори и неуморни творци да бидат промовирани и претставени на национална и меѓународна сцена.
Јанковска во својата долгогодишна кариера повеќе пати била дел од „Зимскиот салон“ на ДЛУМ. ид/мд

Остани поврзан