• петок, 27 декември 2024

СКСЗМ: Компаниите кои доброволно ветија пониски цени во Новогодишната кошничка, да го одржат зборот

СКСЗМ: Компаниите кои доброволно ветија пониски цени во Новогодишната кошничка, да го одржат зборот

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Компаниите кои доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамки на Новогодишната кошничка, да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното, апелира Стопанската комора на северосападна Македонија (СКСЗМ).

Комората досега нема потврда дека некои од нејзините членки не се придржуваат до оваа мерка и дека направиле какви било зголемувања на цените надвор од договореното.

-Компаниите што предложија сами, самоволно, без никаков притисок, треба да се придржуваат кон тој предлог, да ги почитуваат предлозите и мерките што ги креиравме заедно со Владата. Не можеме да знаеме 100 отсто, но засега немаме информации дека некои наши членки не се придржуваат до мерката. Имаме и Управен одбор кој ни кажува дека нема такви промени. Ние само можеме да апелираме до нашите членки кои дале збор до 15 јануари да ги држат тие цени, да се придржуваат на тој предлог. Бевме со нашите членки заедно во Владата добороволно да дадат предлози за намалување на некои основни артикли. Тоа се случи. Верувам дека треба така и да постапат. Сме за тоа дека дадоа збор дека до 15 јануари и дека ќе се придржуваат на зборот што го дадоа. Верувам дека компаниите што предлагаа, ќе се придржуваат на тоа и тоа ќе биде најдобар начин за понатаму да имаме такви акции за која било кошничка, изјави денеска претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура.

СКСЗМ уште еднаш го потврди ставот дека е против замрзнување на цените и ограничување на маржите.

-За ограничување на маржите, ние сме против. Како Комора секогаш бевме и против замрзнување на цените. Ние сме за слободен пазар и тие ставови не ги менуваме. Мислиме дека слободниот пазар е главниот фактор во државата што треба да го процени квалитетот, квантитетот,..., истакна Ќура на прес-конференција.

Поради поплаките на граѓаните дека се зголемени цените на некои прехранбени производи кои не се дел од Новогодишната кошничка, Владата деновиве најави зајакнати инспекциски контроли во маркетите и можни ограничувања на цените и маржите на овие производи. мч/аа/

фото/видео: МИА

 

Остани поврзан