Скринингот со ЕУ денеска продолжува во Луксембург, државава навлегува подлабоко во реформите
- Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро



Од Европската комисија за МИА завчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Северна Македонија и Албанија.
-Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.
Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.
-Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите, додаде Писонеро за МИА.
Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.
Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на ЕК што го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.
Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Северна Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.
