• среда, 25 декември 2024

„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во трката за книжевната награда Балканика

„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во трката за книжевната награда Балканика
Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) - На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа осум книги: Луан Старова  – „Генералот и пеперутката“, Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“, Жарко Кујунџиски  – „Сфинга на гневот“, Владимир Јанковски  – „Скриени желби, немирни патувања“, Србо Ивановски  – „Изодениот пат“, Филип Клетников  – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“, Влада Урошевиќ  – „Безразборна лабораторија“ и Владо Јаневски  – „Чудо зад аголот“. - Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, и „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски. На својот последен работен состанок, стручната комисија со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски, соопшти издавачката куќа „Магор“. Национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика. Стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2020“ образложи дека ова дело се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред се, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот. - Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, „аскетизмот“, кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури, се вели во образложението. Фондацијата Балканика е основана во 1996 година, од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Северна Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на Балканика се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот, и издавач Николај Стојанов. Досегашни добитници на наградата од државава се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“. Манифестацијата Балканика годинава ќе се одржи во Тирана, Албанија, на 26 и 27 октомври. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународно стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја до државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД. мс/скс/  

Остани поврзан