• вторник, 24 декември 2024

Скопје меѓу десетте најзагадените градови во светот

Скопје меѓу десетте најзагадените градови во светот

Скопје 10 ноември 2024 (МИА) - Скопје утрово се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот. Според листата на IQAir воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 153.

На листата на IQAir , Скопје е рангиран како шестти најзагаден град во светот по Лахор во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан.

Министерот за животна средина Изет Меџити пред неколку дена изјави дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки. - Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача Меџити.

Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух.

-Работиме интензивно на намалување на загадувањето кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високо загадени особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од Министерството и од Владата. Деновиве во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра за подземна инфраструктура во сите општини кои досега не беа искористени, рече Меџити при посетата на депонијата Дрисла во Скопје.

Според анализите во повеќе градови, како што истакна, главниот фактор за загадувањето на животната средни се домаќинствата кои се греат со огревни дрва или со несоодветни горива. дма/сст/

Фото: принтскрин

 

 

Остани поврзан