• понеделник, 23 декември 2024

Скопје за прв пат домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација

Скопје за прв пат домаќин на Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) – Претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Александра Војнеска-Зикова како историски момент за овој спорт во нашата држава ја оцени организацијата Конвенцијата на Европската атлетска асоцијација.

Скопје од 24 до 26 октомври ќе биде домаќин на Конвенцијата на која присуство најавија 49 претставници на европски федерации, како и на изборот на најдобар спортист на Европа во атлетскиот спорт – „Golden Tracks 2024“.

- Сето она што ние како федерација го работиме во структурите на Европската федерација беше препознаено, најпрво преку организацијата на Европскиот куп трета лига 2019, потоа со нашето имплементирање во структурите во советот и телата на самата асоцијација допринесуваме и се трудиме активно да ја промовираме нашата држава, да го издигнеме нивото на атлетиката а со тоа и на спортот. За нас ова организација на Конвенцијата претставува историски момент. Верувам дека со поддршката што ја добивме од Министерството за спорт и Европската атлетска асоцијација целиот овој настан ќе помине во најдобар ред, истакна Војнеска-Зикова на денешната прес-конференција.

Министерот за спорт, Борко Ристовски

- Да се добие ваква организација воопшто не е лесно. Ова е голем плус. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе стоиме зад вакви проекти. За нас е важно да ја претставиме Македонија на едно високо ниво. Верувам дека Атлетската федерација ќе биде одличен домаќин на настанот. Спортската дипломатија игра клучна улога во зајакнувањето на меѓународните врски и соработка, не само во спортот, туку и пошироко, изјави Ристовски.

Претседателот на Европската атлетска асоцијација Добромир Карамаринов рече дека Конвенцијата во Скопје се одржува во време кога атлетиката има високо ниво на популарност. Тој се надева дека настанот ќе помине во најдобар ред, а доказ дека атлетските федерациите во Европа не се делат на мали и големи е токму доделувањето на организацијата на АФМ.

Специјален гостин на Конвенцијата во Скопје ќе биде Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската Атлетска Асоцијација и поранешен член на британскиот парламент, носител на олимписки, светски и европски златни медали, член на бордот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), а од пред една недела и официјално еден од кандидатите за нов претседател на ИОК на претстојните избори во март наредната година. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан