Скај њуз Арабија: Хамас подготвен да ја предаде контролата врз Појасот Газа на Палестинската управа
- Палестинската милитантна група Хамас изразила подготвеност да ѝ ја предаде контролата врз Појасот Газа на Палестинската национална управа, објави денеска „Скај њуз Арабија“, повикувајќи се на сопствени извори.

Рамала, 17 февруари 2025 (МИА) - Палестинската милитантна група Хамас изразила подготвеност да ѝ ја предаде контролата врз Појасот Газа на Палестинската национална управа, објави денеска „Скај њуз Арабија“, повикувајќи се на сопствени извори.
Според медиумот, Хамас во писмо до Палестинската ослободителна организација (ПЛО) ја изразил својата подготвеност да ја пренесе контролата врз Појасот Газа на Палестинската управа и на владиниот комитет за управување со енклавата.
Како што се наведува, Хамас бара вработените во Појасот Газа да бидат повторно ангажирани во новата администрација или да бидат пензионирани со гаранција за исплата на заостанатите плати. Изворите на „Скај њуз Арабија“ потврдиле дека согласноста на Хамас да ја предаде управата врз Појасот Газа дошла по силниот притисок од Египет врз делегацијата на ова движење за време на посетата на Каиро.
Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф потврди дека оваа недела ќе продолжат преговорите за втората фаза од прекинот на огнот во окупираната палестинска енклава и за размена на израелските заложници за палестински затвореници. Тој нагласи дека втората фаза вклучува ослободување на сите преостанати израелски заложници кои сè уште се живи.
Виткоф изјави дека имал „многу позитивни и конструктивни“ телефонски разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, премиерот на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, и со шефот на египетската разузнавачка служба, Хасан Рашад, пренесе „Фокс њуз“.
По овие изјави, кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху соопшти дека денеска ќе се одржи состанок на Советот за безбедност, на кој ќе се дискутира за втората фаза од прекинот на огнот.
Нетанјаху одобрил и испраќање израелска преговарачка делегација во Каиро за разговори, по кои делегацијата ќе добие натамошни инструкции за договор кој би довел до конечно завршување на вооружениот конфликт во Појасот Газа. ссм/
фото: архива