• вторник, 24 декември 2024

Си Џинпинг се сретна со новиот лидер на Виетнам во Пекинг

Си Џинпинг се сретна со новиот лидер на Виетнам во Пекинг

Пекинг, 19 август 2024 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг се сретна со новиот виетнамски лидер То Лам, јави кинеската новинска агенција Синхуа.

Ова е првата меѓународна посета на новиот виетнамски лидер откако ја презеде функцијата.

Состанокот е показател за блиските врски меѓу Виетнам и Кина, кои имаат добро развиени економски и трговски односи.

Минатата недела, Кина изјави дека изборот на Лам да ја посети Кина „во целост ја одразува големата важност што ја придава на развојот на односите меѓу двете партии и двете земји“. Како и Кина, и Виетнам е управуван од комунистичка партија.

Лам пристигна во јужната кинеска провинција Гуангџоу вчера за тридневна посета, која вклучува состаноци со кинескиот премиер Ли Ќијанг и други високи кинески претставници.

Во Гуангџоу, То Лам посети места каде што поранешниот виетнамски лидер Хо Ши Мин ја вршел својата револуционерна дејност.

Во декември минатата година, Кина и Виетнам потпишаа повеќе од десет договори за соработка, кога Си Џинпинг го посети Виетнам. Деталите на договорите не беа објавени, но тие опфаќаа области како што се соработка во железничкиот транспорт, развој и инвестиции.

Кина и Виетнам воспоставија дипломатски односи во 1950 година, а во 2008 година се договорија за сеопфатно меѓусебно стратешко партнерство. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан