Сиљановска-Давкова: Регулативата создава доверба и предвидливост, а не само контрола
- Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор во кој општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда во рамките на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор впо кој општествената доверба може да расте - рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда во рамките на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека, наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас - да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Сиљановска-Давкова, како што се наведува во соопштението од нејзиниот Кабинет, го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само поради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во кој правилата ја надживуваат власта - рече претседателката истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.
Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 - 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите. дма/вј/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова