Сиљановска-Давкова во Хаг оствари средби со претседателот на Чешка и со премиерите на Естонија и Белгија
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на НАТО самитот во Хаг, оствари средби со претседателот на Чешка, Петр Павел, премиерот на Република Естонија, Кристен Михал и со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, соопштија од кабинетот на претседателката.
Скопје, 25 јуни 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на НАТО самитот во Хаг, оствари средби со претседателот на Чешка, Петр Павел, премиерот на Република Естонија, Кристен Михал и со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, соопштија од кабинетот на претседателката.
На средбите соговорниците изразиле задоволство од одличната билатерална соработка и партнерство во различни области и поддршка за евроинтегративниот пат на државава.
Заблагодарувајќи му се на претседателот Петр Павел, за принципиелната и доследна поддршка на Чешка, Сиљановска-Давкова укажала на тековните предизвици и политички мотивираните обиди за блокирање на европскиот пат на државава. Таа ја потенцирала неопходноста од заштита на националниот идентитет и истакнала дека прашањата поврзани со идентитетот, или толкувањето на историјата не можат да бидат дел од преговарачката рамка на ЕУ. Претседателот Павел изјавил дека земјава може да смета на континуирана чешка поддршка во текот на евроинтегративниот процес.
Повторувајќи го јасниот став против билатерализацијата, Сиљановска-Давкова нагласија дека длабоко ја цени принципиелната поддршка на Естонија за политиката на проширување на ЕУ и нагласила дека овој процес има стратешка и геополитичка важност.

Естонскиот премиер Михал посочил дека државава добро ги исполнува Копенхагенските критериуми. Тој изразил подготвеност за помош во процесот на македонската евроинтеграција.

Прашањето за деблокирање на евроинтегративниот пат бил во фокусот и на средбата со премиерот на Кралството Белгија, Барт де Вевер, кој истакнал дека членките на ЕУ треба да имаат појасен и поискрен став во однос на проширувањето. Тој нагласил дека интеграциите мора да се одвиваат според напредокот и спроведените реформи на државата аспирант за членство. ац/са/
Фото: Кабинет на претседател