• сабота, 23 ноември 2024

Сиси го обвини Израел дека ги задржува и одложува испораките на помош за Газа

Сиси го обвини Израел дека ги задржува и одложува испораките на помош за Газа

Каиро, 24 јануари 2024 (МИА) - Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси денеска го обвини Израел дека ја задржува и одложува испораката на помош преку граничниот премин Рафа до Појасот Газа со спроведување процедури кои го запираат сообраќајот.

„Ова е форма на притисок врз Појасот Газа и луѓето таму поради конфликтот и ослободувањето на заложниците. Тие го користат ова како алатка за да извршат притисок врз луѓето во енклавата“, рече египетскиот претседател на состанокот на воени и владини претставници.

„Порано испраќавме 600 камиони дневно во Газа. А, во последните два или три дена, не можеме да испратиме повеќе од 200 камиони дневно. Како живеат овие луѓе (во Газа)“, рече Ал Сиси.

Граничниот премин Рафа е отворен од египетската страна 24 часа секој ден во месецот, објасни египетскиот претседател.

Сепак, тој додаде дека процедурите што ги спроведува израелската страна за испраќање на помошта без да биде блокирана од никого се причина (за задржувањето).

Израелската воздушна и копнена офанзива во Газа започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври минатата година и предизвика тешка хуманитарна криза, оставајќи ги повеќето од 2,3 милиони жители на енклавата без домови, храна, вода, лекови и гориво.

Израел негираше дека го запрел снабдувањето на Газа преку преминот Рафа. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан