• понеделник, 23 декември 2024

Синот на Таникава и Амир Ор засадија дрво во Паркот на поезијата во Струга

Синот на Таникава и Амир Ор засадија дрво во Паркот на поезијата во Струга
Струга, 25 август 2022 (МИА) - Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ неофицијално се означи почетокот на „Струшките вечери на поезијата“. Во паркот дрва засадија јапонскиот композитор и пијанист Кенсаку Таникава, син на годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, како и специјалниот гостин, лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор. - На мојот татко многу му е жал што не е присутен физички, но со срцето е овде, изјави синот на лауреатот, Кенсаку Таникава. Поранешниот лауреат, пак, Амир Ор, изрази големо задоволство што на неговиот пријател Шунтаро Таникава годинава му е доделен „Златниот венец“, како и дека повторно ја посетува Струга. - Дозволете ми да изразам искрена благодарност за честа да ја добијам оваа ценета награда. Се чувствувам привилегирано и голема чест ми е што станав член од избрана група лауреати, истакна Амир Ор. Тој нагласи дека бил многу задоволен кога слушнал оти и на неговиот пријател Шунтаро Таникава ќе му биде доделен венецот. -Навистина вистинска радост. Една приказна вели дека многу одамна, кога класичниот кинески поет Баи Џу-Е го прашале како знае дека песната е добра, тој рекол: „Едноставно ќе слезам во продавницата за риби и песната ќе ѝ ја покажам на продавачката. Ако ѝ се допаѓа, ја објавувам“. Зошто го кажувам ова?! Затоа што Таникава е токму ваков вид уникатен поет, кој може со истата песна да ги допре срцето и умот и на софистицираниот познавач и на лаичкиот љубител на поезија. Честитки, драг Шунтаро, изјави поранешниот лауреат Амир Ор. Во „Паркот на поезијата“ во Струга минатата година беа обновени педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“. На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија. Како што веќе информиравме, свеченото отворање на 61. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со почеток во 20:30 часот. Поради најавите за дожд наместо на платото пред центарот за култура „Браќа Миладиновци“, свеченоста ќе се одржи на терасата во хотелот „Дрим“. На „Струшките вечери на поезијата“ најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата. Манифестацијата се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.ир/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан