• сабота, 23 ноември 2024

Синдикатите и работодавачите ја очекуваат првата седница на Економско-социјалниот совет по формирањето на Владата

Синдикатите и работодавачите ја очекуваат првата седница на Економско-социјалниот совет по формирањето на Владата

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Од Сојузот на синдикати на Македонија не сакаат да ги коментираат првите 100 дена од работењето на новата Влада и се надеваат дека ќе биде свикана седница на Економско-социјалниот совет на која ќе им биде кажано што е сработено досега, а од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека имале високи очекувања, но дека досега ништо не е направено. Двата социјални партнери очекуваат дека наскоро од Владата ќе биде свикана седницата на Економско-социјалниот совет.  

Според претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, досега требало да бидат повикани од Владата за да разговараат за сите важни прашања што ги засегаат работниците. 

- Сметаме дека аргументите се на страната на работниците затоа што 25.000 работници кои земаат плата од 22.560 денари е некоректно, 10.000 работници кои примаат плата од еден денар до 22.561 денар е кривично дело и за да покриете една минимална синдикална кошничка ви се потребни три минимални плати. Нашите аргументи се издржани и трошоците за храна и пијалоци не се покриваат со една минимална плата. Ако очекуваат да ги разбереме, сметаме дека прво тие треба нас да не разберат, изјави Трендафилов пред денешната конференција посветена на социјалниот дијалог што ја организира ССМ заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“.

И од Организацијата на работодавачи на Македонија со став дека очекувале Владата да има сенс за нивните проблеми со кои се соочуваат во текот на работењето како што се зголемување на продуктивноста, немањето работна сила и инфраструктурата. 

- Она што очекувавме беа многу високи очекувања, но не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа Влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме, меѓутоа она што се зборуваше во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација, земање на кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето на работна сила што значи со еден збор ништо, изјави претседателката на ОРМ Владанка Трајкоска.

Работодавачите, како што посочи, немаат никаква конкретна информација на кој начин и под кои услови ќе може бизнис секторот да ги користи парите од  унгарскиот кредит.

-  Се вели дека ќе биде за некакви инвестиции во работењето но се додека немаме конкретна информација и на кој начин ќе се стигнува до тие кредити, ние не можеме ништо да говориме, вели Трајкоска.  

Денешната конференција посветена на состојбата и перспективите на социјалниот дијалог иницирана од Сојузот на синдикати на Македонија на едно место ги собра сите социјални партнери (синдикатите, работодавачите и владата). бак/ев/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан