• вторник, 24 декември 2024

Синдикалната минимална кошничка во април 38.104 денари

Синдикалната минимална кошничка во април 38.104 денари
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство за април годинава изнесува 38.104 денари и е зголемена за 1.337 денари, односно за 3,63 проценти во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Најмногу пари или 16.458 денари (43,19 проценти) во април биле потребни за храна и пијалаци, по што следат трошоците за домување 11.627 денари (30,52 проценти), па за хигиена 2.672,88 денари или 6,90 отсто. Според пресметките на ССМ, за превоз на едно четиричлено семејство потребни му биле 3.367,06 денари или 8,84 проценти, за облека и обувки 2.176,03 или 5,71 отсто, за култура 1 067,86 денари или 2,80, додека за одржување на здравје, претходниот месец им биле потребни 778,47 денари или 2,04 проценти. - Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено семејно домаќинство, а платите не го следат истиот раст по зголемувањето на минималната плата во март 2022 година. Од претходниот месец март 2022 година кога Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ изнесуваше 36.767, истата е зголемена за 1.337 денари односно за 3,63 проценти, а од јануари 2022, кога Синдикалната минимална кошничка изнесуваше 35.811 денари е зголемена за 2 293 денари односно 6.40 отсто, велат од ССМ. Според податоците на Синдикатот, за само една година или од претходната 2021 година истиот месец април кога синдикалната минимална кошница изнесувала 33.976 денари, истата е зголемена за 4.128 денари, односно 12,14 проценти. Најголемо зголемување е забележано во исхраната и пијалаци и кај превозот. - Сојузот на синдикатите на Македонија со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентните противења на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците, а на протестот на 1 мај, 7500 работници на улица заедно со ССМ јасно упатија пораката дека зголемените плати им се потребни веднаш, посочија од ССМ. Тие очекуваат оваа пресметка на синдикалната минимална кошница, како и зголемувањето на трошоците за живот да бидат будење за сите работодавци, локалната и централната власт и како што додаваат „веднаш да пристапат кон зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата и да ги зголемат платите за најмалку 2806 денари во нето на секој работник“. ки/лв/

Остани поврзан