• недела, 17 ноември 2024

Симон Трпчески ја отвора новата концертна сезона на Филхармонија

Симон Трпчески ја отвора новата концертна сезона на Филхармонија
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) – Со концертот „Данте 700“ вечер почнува новата концертна сезона на Филхармонијата, насловена „Филхармонија во движење“. Концертот содржи програма со две дела од Франц Лист. Диригент е Габриел Бебешелеа, а како солист настапува македонскиот пијанист Симон Трпчески. Според в.д. директорка на Филхармонија, Тина Иванова, насловот на новата концертна сезона алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија оваа институција не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се „движи“ и да ја реализира својата програма. Симон Трпчевски вели дека е пресреќен што ќе настапи заедно со маестро Бебешелеа и оркестарот на Филхармонија. - Програмата на концертот „Данте“ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното, истакна Трпчески на прес-конференција во понеделникот. На маестро Бебешелеа му претставува задоволство што е заедно на сцена со Трпчевски и оти настапувале секаде низ светот, но ова ќе биде прв заеднички настап во Северна Македонија. - Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“ со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона, додаде Бебешелеа, кој истовремено е и шеф-диригент на Филхармонија. Директорката Иванова најави дека во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј. Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина Јапонија), кваретот „Баланеску“ … Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен солистите кои доаѓаат од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски. На програмата, освен „железните“ класици на симфонизмот, Иванова најави дека има и дела од модерни и современи автори кои првпат ќе прозвучат во Филхармонија, како антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх кое премиерно ќе биде изведено на 14 октомври. Филхармонијата најави и нова веб-страница со модерен и автентичен дизајн, богата со различни содржини врзани со работата на институцијата. На страницата освен основните информации за настаните и тековните содржини, ќе може да се слуша и симнува музика во изведба на Филхармонија, како и да се преземе електронска верзија на Филхармонискиот весник . На неа ќе можат да се најдат различен тип на корисни информации врзани за сите активности на Филхармонијата.бт/ки/

Остани поврзан