• среда, 25 декември 2024

Симовски: Направена е техничка грешка, но е коригирана и се извинивме за тоа

Симовски: Направена е техничка грешка, но е коригирана и се извинивме за тоа
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вечерва се осврна на техничката грешка во однос на податоците од верската определба во Пописот за 2021 година, за која кажа дека се извиниле и дека таа е искоригирана. - Во однос на верската определба искорегиравме една техничка грешка која што ја направивме првиот ден на објавување на соопштението. Ни се промакна да не приметиме дека сме направиле пермутација во полето за атеисти и евангелисти методисти. Луѓе сме и ние од крв и од месо и може да се погреши а човечки е и да си ја признаеме грешката и да се извиниме. Апсолутно ни е жал што настана таква грешка и затоа си ја признаваме и се извинуваме. Не сакавме тоа да се случи, меѓутоа се случи, не можеме да го вратиме филмот назад, рече Симовски во гостувањето во Тема на денот на Сител. Запрашан за бројката од 242.579 граѓани кои на пописот се изјасниле само како христијани рече дека како одговориле граѓаните така е запишан нивниот одговор. -Попишувачот не смееше да се меша во одговорот на испитаникот. Им беше забрането да се мешаат и да сугерираат одговори. Како е даден одговорот, така се запишало. 240 илјади и кусур граѓани се изјасниле како христијани претпоставувам мислејќи дека се подразбира кога ќе кажат христијани на што се мисли меѓутоа ние мораме да го запишеме податокот прецизно, изјави Симовски. Според првично објавените пописни податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), беше наведено дека вкупно 355 лица се изјасниле како атеисти, но сега е направена корекција и нивниот број е 8 764 лица. ДЗС денеска соопшти дека е направена техничка грешка во Пописот при внесувањето на податоците за религиозната припадност на граѓаните. -Во соопштението Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 – прв сет на податоци, објавено на 30 март 2022 година, во Табела 9 – Вкупно резидентно население во Република Северна Македонија според изјаснувањето за религиската припадност, по пол – Попис 2021, направена е техничка грешка со тоа што во редовите „Не е верник (атеист)“ и „Евангелско протестантски христијани“ е направена пермутација на податоците, соопштија од ДЗС. Од тие причини, како што посочуваат, е направена корекција во табелата, а воедно сите појави под 500 не се прикажани во табелата поради ограничениот простор. -Се извинуваме за направената грешка, стои во соопштението на ДЗС.вг/са/

Тагови

Остани поврзан