Симеоне: Густиот распоред нема да не спаси од критики доколку не победиме
- Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне често се жали на напорниот календар, но е свесен дека распоредот нема да послужи како изговор доколку тимот не го победи Слован (Братислава) во Лигата на шампионите.
Мадрид, 11 декември 2024 (МИА) - Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне често се жали на напорниот календар, но е свесен дека распоредот нема да послужи како изговор доколку тимот не го победи Слован (Братислава) во Лигата на шампионите.
Атлетико вечерва го пречекува словачкиот тим во обид да додаде нови три бода на нивната сметка.
- Секогаш е добро да се имаат долгорочни цели, но сега ни е важно да се фокусираме на секој следен натпревар. Нема друг начин да се биде максимално подготвен. Густ распоред? Ќе ни суди резултатот од натпреварот и никој нема да се грижи дали противникот имал пет дена одмор. Ако не одиграме добро, ќе не критикуваат, изјави Симеоне.
Со исклучок на Томас Лемар, сите играчи имаат доволно минутажа од почетокот на сезоната. Ги охрабрувам оние кои поретко се појавуваат на натпреварите да работат повеќе и не се сомневам дека нивниот труд ќе биде награден. Така се случи со Џулијано, Галан и Лангле. Не играа на првите натпревари, но сега добиваат шанса, објасни Аргентинецот.
Натпреварот Атлетико Мадрид – Слован Братислава ќе почне вечер во 18:45 часот. зс/
Фото: ЕПА